Избркан од работа екс-амбасадорот во Советот на Европа

15.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Избркан од работа екс-амбасадорот во Советот на Европа

Владата бара експерти од надвор – тврдејќи дека во државниот сектор нема кадровски решенија за да се состават преговарачките тимови за пристапниот процес кон ЕУ, а, истовремено, брка од работа стручни луѓе кои со години биле во директна секојдневна комуникација со највисоките европски институции.

„Макпрес“ дознава дека неодамна, Агенцијата за храна и ветеринарство му дала отказ на доскорешниот македонски амбасадор, односно постојан претставник на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, Петар Поп-Арсов, кој по завршувањето на мисијата бил дел од тимот на оваа институција. Отказот му бил даден на 6-ти март, и тоа во време на распишани претседателски избори. Последново е дополнително проблематично, бидејќи законски, откази и вработувања се недозволени во предизборен период.

Поп-Арсов ни ја потврди информацијата. Не сакаше да навлегува во детали.

-Да, точно е дека ми беше врачено Решение за престанок на работниот однос на 6-ти март оваа година. Точно е и дека истото е врачено за време на распишани претседателски избори, со што е прекршен членот 8-а од Изборниот закон. Во моментот постапката се наоѓа пред второстепен орган на државната управа, односно Комисија за решавање по жалби и приговори во рамки на Агенцијата за администрација, која што својот дел од работата го стави во мирување, повикувајќи се токму на членот 8-а од Изборниот закон. На овој начин, индиректно се става до знаење дека имаме прекршување на Изборниот закон од страна на сите инволвирани структури кои што ја спроведоа постапката во рамки на Агенцијата за храна и ветеринарство, вели Поп-Арсов.

Амбасадорот е подготвен да го тера случајот до Судот во Стразбур, ако овде правдата не биде задоволена.

– Не би сакал да коментирам за детали од овој случај ниту пак за тоа во кој правец понатаму ќе се одвиваат работите. За таа цел ќе оставам предметот својот епилог да го добие пред второстепениот орган, евентуално пред македонските судови или доколку е потребно и пред Судот во Стразбур. Што се однесува до односот спрема мене во Агенцијата за храна и ветеринарство можам само да кажам дека, и покрај бројните барања и иницијативи за вклученост во работата, целосно сум игнориран и ставен на страна од актуелното раководство, без да ми биде доделена ниту една работна задача, од моето враќање во Република Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство, нагласува Поп-Арсов.

Инаку, во петокот од Брисел, преку МИА, министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, изрази загриженост оти преговарачките тимови не можат да се состават, иако гаранциите, токму Владата ги даде, ветувајќи оти тие ќе бидат познати и формирани уште во октомври лани. Ова, според Поп-Арсов е лицемерие.

-Во однос на констатацијата на министерот Манчевски за недоволните капацитети на македонската администрација, би можел да кажам дека се работи за изјава која ја отсликува реалната состојба во јавниот сектор, но во исто време претставува изјава која содржи значителна доза на хипокризија. Начинот со кој во моментот се води и управува јавниот сектор создава зголемена конфузија, неорганизираност и немотивираност кое дополнително придонесува за ослабнување на и така кревките капацитети на македонската администрација. Сметам дека не се работи за недостаток на квалитетен кадар, напротив, квалитетен кадар има, но се работи за недоволно искористување на квалитетните кадровски капацитети поради несоодветно раководење и управување со институциите како резултат на транзицијата на власта и сите останати процеси кои што се случуваа во последните неколку години, категоричен е Поп-Арсов.

Инаку, во биографијата на Петар Поп-Арсов, покрај функцијата Амбасадор и Постојан претставник на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, стои и периодот меѓу 2008 и 2011 година, кога ја обавуваше функцијата Претседател на комисијата за европски прашања на Собранието. Во овој период, како претставник на парламентарната димензија на Република Македонија, има остварено бројни контакти и соработка со претставници на Европската Унија и земјите членки на сите релевантни нивоа. За потсетување токму во 2009 година Република Македонија ја доби визната либерализација со ЕУ, како резултат на севкупните напори на сите државни чинители. Неодамна Поп-Арсов и докторираше на тема Советот на Европа, а објави и книга со наслов „Советот на Европа, вредности, стандарди и државни интереси“.

Извор : makpress.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата