Интер е првиот полуфиналист во Купот на Италија откако вечерва славеше во големото градско дерби над Милан со 2:1 во меч во кој видовме буквално се. Од прекрасен гол на Ибрахимовиќ, конфликт кој за малку ќе прераснеше во тепачка на крајот на полувремето меѓу Ибра и Лукаку, до црвен картон на Швеѓанецот на стартот на вториот дел, па потоа и повреда на главниот судија кој мораше да биде заменет.

Сепак, Интер ја искористи предноста по црвениот картон на Ибрахимовиќ и на крајот успеа да извојува голема победа над „росонерите“.

Милан тргна со водство со голот на Ибрахимовиќ во 31. минута, но откако Швеѓанецот мораше предвреме да ја напушти играта, „нероаѕурите“ притиснаа, се изборија за пенал кој Лукаку го претвори во израмнување на 1:1 во 71. минута.

Одлуката падна во судиското надополнување со еден перфектно изведен слободен удар на Кристијан Ериксен кој на Интер му обезбедки куп-полуфинале.