ГИ НЕМА ЛАПТОПИТЕ на кои, наводно, имало снимени телефонски разговори

22.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ГИ НЕМА ЛАПТОПИТЕ на кои, наводно, имало снимени телефонски разговори

Судскиот процес за незаконското масовно прислушување кое ги брои последните свои рочишта и е веќе на самиот крај, продолжи со дополнителни докази на Обвинителството и на обвинетите.

Во судницата особено динамично беше спорењето на одбраната дека обвинителството нема докази, па оттаму ни стручно вештачење, со кои ќе потврди дека обвинетите вршеле неовалстено прислушкување или наредувале да се прислушкува. Според нив, прислушкувањето е од трети лица, а не по наредба или лично од ракводството на МВР.

Веднаш откако на минатото рочиште обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков кажа дека во 2014 година при презентација во Управата на израелска опрема за следење комуникации, со лаптоп и антена биле лоцирани три прислушни уреди кои биле во моментот активни, а не биле на МВР, обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов реагираа со обид да го побијат тоа тврдење дека се прислушувало надвор од УБК.

Приложија и вештачење на одземениот компјутер на избеганиот Горан Грујевски, затоа што одбраната неколку пати забележа од каде обвинителството тврди дека Горан Грујевски и Сашо Мијалков со лозинки директно преку компјутерите од своите кабинети во УБК, влегувале во системите за прислушување и самите прислушувале телефонски разговори, кога нивните компјутери не биле вештачени.

При влезот на СЈО во УБК со судски налог за претрес најден бил само компјутерот на Грујевски, кој тој момент беше во притвор, додека компјутерот на Мијалков не бил најден, бидејќи уште претходно тој си даде оставка од директорската функција во УБК. Незаконското прислушување од канцеларија од негова страна, тврди Обвинителството, е утврдено на друг начин.

Мијалков на минатото рочиште негираше дека некогаш во 9-годишниот мандат се вклучил во системот за следење на комуникациите, бидејќи, како што кажа, компјутер тој и не користи. Дури и мејловите, рече, ги читал од мобилниот телефон.

Побивањето на теоријата дека се прислушувале граѓани, политичари и новинари од друго место, а не од УБК, обвинителите, според најавата, ќе го сторат на следното рочиште во вторник.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата