Мицкоски: Бугарија не е единствениот проблем, туку и корупцијата и неспроведените реформи

22.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски: Бугарија не е единствениот проблем, туку и корупцијата и неспроведените реформи

Во денешното издание на вестите на ТВ Алфа во 14:30 гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за неколкудневната посета на земјите од регионот, како и за темите кои биле предмет на разговорите со Јанез Јанша, Виктор Орбан и Андреј Пленковиќ.

Мицкоски потенцираше дека средбите со лидерите од регионот биле плодни и на истите се споделувале искуствата во однос на здравствената криза, како и економската криза која што беше појава во сите земји низ Европа. Тој исто така посочи дека земјите од регионот се справувале со кризата на многу поинаков начин од оној кој се применуваше во Македонија изминатите десетина месеци.

-Земји како Хрватска, Унгарија и Словенија се пример за тоа како треба една земја да се избори со здравствената и економската криза, благодарејќи на добрата организација, компетентноста на кадрите и силната желба за изнаоѓање конкретни и исправни решенија, вели Мицкоски.

Според Мицкоски, впечатоците кои ги стекнал од посетата на овие земји е дека земјите од Европската унија не и замеруваат на Македонија само во однос на спорот со името и историјата со Грција и Бугарија, туку поради енормниот криминал кој несомнено се случува во земјата, заробеното судство и бизнис зделките на Зоран Заев како премиер на државата.

Мицкоски додаде дека Република Македонија мора да учи и да го применува она кое земји како Хрватска, Словенија и Унгарија го прават во вакви ситуации и години наназад, се со цел општеството да не доживува тектонски пореметувања и со тоа да се случува здравствен и економски колапс.

-Факт е дека Република Македонија не е дел од европското семејство само поради тоа што во земјата цветаат криминалот и рекетот, а не поради тоа што се уште не се решени меѓународните спорови. Тоа е главен фактор за стагнацијата на Република Македонија, заврши Мицкоски.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата