Комората на сметководители бара продолжување на роковите за годишните сметки и финансиските извештаи

22.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Комората на сметководители бара продолжување на роковите за годишните сметки и финансиските извештаи

Пролонгирање на роковите за поднесување на годишни сметки и финансиски извештаи преку законски измени на Законот за трговски друштва со цел подобрување на квалитетот на финансиското известување да бидат дел од економските мерки за петтиот пакет, бара Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија. Според роковите утврдени во Законот за трговски друштва Годишната сметка се доставува до Централниот регистар до крајот на месец февруари наредната година, во хартиена форма или до 15 март во писмена форма.

„Роковите пропишани со Законот за трговските друштва се исклучително кратки, споредбено со која било друга земја во регионот и пошироко. За споредба, во соседните Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30.6, во Хрватска до 30.4, во Германија до 31.3 за големи ентитети и 30.6 за малите претпријатијата, во Франција и Шведска до 31.7 итн. Дополнителен проблем кој се јави во 2020 година, поради ширењето на негативните ефекти од здравствено-економската криза е тоа што огромен број на сметководители и овластени сметководители, како лица на чиј товар паѓа подготовката на годишната сметка и финансиските извештаи, од здравствени и други причини беа оневозможени непречено да ги извршуваат своите активности. Поради тоа се јавија големи застои при обработката на документите и нивната евиденција во сметководствените евиденциски системи. Нашето барање е рокот за поднесување на годишни сметки да се пролонгира до 30 април за хартиено поднесување, односно 15 мај за електронско подесување“, изјави Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Тој вели дека навременоста е еден од главните ограничувачки фактори за обезбедување на веродостојни и релевантни информации, а како проблем во финансиско известување го препознава и Одборот за меѓународни сметководствени стандарди, кој зборува за потреба да се воспостави баланс меѓу релативната важност на навременото известување и обезбедувањето на веродостојни и релевантни информации за да се задоволат потребите на корисниците за донесување на економски одлуки.

„Така, доколку се пролонгираат екстремно рестриктивните рокови кои се пропишани со Законот за трговските друштва ќе се зголеми квалитетот на презентираните податоци во годишните сметки и финансиските извештаи. Преку законски измени проблемите со кои се соочуваме при секое поднесување на извештаите ќе бидат системски надминати“, потенцира Грозданов.

Комората повикува и на реализирање на најавата за формирање на работна група за подготовка на Законот за вршење на сметководствени работи, со што, како што велат, треба да се надминат неповолните состојби во професијата, но и да се даде придонес кон унапредување на деловното окружување во земјата.

„Регулирање на оваа професија на соодветен начин ќе даде значаен придонес и кон поефикасна борба против сива економија. Воедно бараме повлекување на сегашното решение, кое на перфиден начин вметнува член со кој се дозволува странци да работат во Македонија, но не и нашите професионалци да имаат можности интернационално“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Таа потенцира дека наместо вистински залагања за уредување на професија која ангажира околу 10.000 професионалци, структури од Министерството за финансии континуирано се обидуваат да донесат законски измени со кои само поединци имаат личен бенефит и профит, а професијата дополнително се загрозува.

Комората на сметководители, исто така, бара еднократна неповратна помош за правните субјекти кои како дејност вршат сметководствени работи.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата