На денешниот вечерен тренинг, тренерот на Металург Димитриоски на располагање ги имаше и странските ракометари, кои, по обврските со своите репрезентации и краткиот одмор, му се приклучија на тимот. Дојдоа Тарабокија, Топиќ, Додиќ и Канкараш, па сега само Хорват и Серафимов се надвор од составот, поради обврските со хрватската и со македонската репрезентација на СП во Египет.

Веќе в сабота Металург ќе го одигра својот прв пријателски натпревар. Во “Јане Сандански“, со почеток во 12.30 часот, ќе игра со Вардар. На 25 и на 26 јануари во Пеќ, Металург ќе ги одмери силите со Беса, а на 29 јануари во Автокоманда доаѓа екипата на Тиквеш.

Првата официјална обврска на Металург за втората полусезона е на 9 февруари, кога дома ја пречекува екипата на Феникс Тулуз. Покрај оваа, во февруари Металург го очекуваат уште две средби од групната фаза на Лига Европа, со екипите на Висла Плоцк и на Фиверс.