Пелистер продолжува во победнички ритам, го запиша осмиот триумф во низа, откако на домашен терен славеше против МЗТ Скопје со 88-85 во дербито на 11. коло во Првата лига. Со новите бодови, избраниците на Марјан Илиевски се зацврстија на врвот на табелата. За скопскиот состав ова беше трет пораз сезонава и со скор од уште три порази се наоѓа на шестата позиција.

Гостите беа подобри во првото полувреме, поведоа со 2-8, а потоа и со 10-17. Предноста од седум поени беше најголема која МЗТ Скопје ја имаше во овој период. При последните 33-40, битолчани со серија од 6-0 се доближија на 39-40.

По 43-44 на одморот, Пелистер набрзина поведе со 51-44, во третата четвртина имаше и двоцифрени 64-54 и 68-56. Ова беа минути во кои кошаркарите на МЗТ Скопје запишаа бројни грешки. Излегоа од ритам, а тоа противникот максимално го искористи.

На средината на последната четвртина, Пелистер со тројката на Стајиќ поведе со највисоки 85-72. И наместо лесна завршница, битолчани паднаа. Во последните три минути, МЗТ Скопје со 13-0 израмни на 85-85 на минута до крајот.

Калахан со два поени ја врати надежта во таборот на својот тим, скопјани не искористија напад, Малешевиќ беше еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања.

Кесар со 27 поени и 9 скока беше прво име, зад него беше Малешевиќ со 22 поени и 11 скока, кај МЗТ Скопје, Олуџоби имаше 38 поени, премалку за победа.