Јовановска-Стојановска: Ковид-кризата влијае на менталното здравје

3.12.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јовановска-Стојановска: Ковид-кризата влијае на менталното здравје

Страв од контакт и за тоа како ќе заврши се ова, несигурност за себе, иднината, животот, затворање во себе, имаат луѓето во услови на оваа ковид криза. Ако некој претходно се чувствувал осамен, сега уште повеќе поради изолација, несигурност, страв, се случува затворање на личноста слој по слој. Ние треба да го учиме како да ја реши својата осаменост, а сега како да го учиме, како да му кажеме да контактира со околината. Ќе најдеме алтернативни начини, онлајн, но се загрозени личните контакти кои се многу потребни личноста да се рехабилитира за да се почувствува присутна во животот и општеството.

Ова денеска на онлајн панел дискусијата на тема „Предизвиците во ресоцијализација, реинтеграција и рехабилитација на луѓето со нарушено ментално здравје“, го истакна психологот Мирјана Јовановска Стојановска, која е претседател на Комората на психолози.

Некои, посочи таа, имаат или ќе имаат финансиски проблеми со сета оваа криза, губење работни места, се соочуваме со смрт на блиски луѓе.

-Кога се случуваат такви силни губитоци како да го извадиш човекот од тагата, страдањето, за да работи на себе и да се рехабилитира и сето тоа страшно ја усложнува таа рехабилитација во овој период. Како оваа денешна дебата треба да има многу повеќе, најмалку еднаш месечно, за да слушаат луѓето. На луѓето кога не им е добро бараат помош треба да се обратат кон стручни лица, психотерапевти, рече Јовановска Стојановска, која е гешталт терапевт и дава психотерапија.

Потенцира дека рехабилитацијата е нешто ново, да се научи како тие лица да се развијат емоционално и социјално, да се развијат интелектуални вештини и да се здобијат со алатки како да се справат со животот.

Во врска со карактеристиките на кризата предизвикана од Ковид-19, таа рече дека станува збор за нешто многу поголемо од криза, нешто што го запре светот, нешто што е многу моќно и се случува на сите нивоа во светот.

-Имаме телесна изолација, поради која може да се случи социјална изолација. Мора да одржуваме растојание од два метри, да носиме маска и при тоа не си ги гледаме лицата, а за нас како човечки суштества психолозите докажале дека е многу важно да ги гледаме лицата на луѓето, да видиме дали е некој насмеан, дали ќе се погледне, дали е намуртен. Првиот контакт го вопоставуваме со луѓето со тоа што си ги гледаме лицата и очите. Ние и сега се гледаме во очи, но кога не го гледаме останатиот дел од лицето останува нејасно дали некој ги собрал очите бидејќи е сончево или затоа што се смее, или затоа што нешто се сомнева…Тоа страшно го отежнува контактот меѓу луѓето, рече Јовановска Стојановска.

Социјалниот дел, нагласи таа, е многу важен во рехабилитацијата на луѓето кои имаат потешкотии со менталното здравје, а ние се изолираме, не контактираме, а треба да ги учиме луѓето како да прават подобри социјални контакти, како да изберат партнер, како да бидат со некого, а ние се наоѓаме во период кога не можеш со никого да бидеш, а не да најдеш партнер и да се социјализираш, да се поврзеш со него, да си најдеш нов пријател.

-Имаме можност за онлајн, но недостига директен контакт. Нашето тело е создадено за директен контакт, нас ни требаат допири. Бебето кое е држено во раце и гледано има физичка блискост со луѓето околу себе подобро се развива на сите нивоа, дури и интелектот се развива многу подобро. Страшно ни е потребен физичкиот контакт и за рехабилитација, со луѓето кои ни се блиски не можеме да бидеме во контакт, а не понатаму, истакна Јовановска Стојановска.

За да има решенија, посочи таа, покрај кризата треба да се бориме со стигмата, дискриминацијата и игнорирањето и да дојдеме до некое решение како да се рехабилитираме.

-Сите ние кои се рехабилитираме влегуваме во категорија херои, бидејќи ова е како да се бориш со змејови…за да дојде до нешто. Како да си најдеш девојка, момче, како да направиш парнерска врска со оваа ковид криза, што е битно за функционирањето на личноста. Знам дека државава се труди колку што може, но има недостиг на една државна платформа за рехабилитација, затоа што тоа е мултидисциплинарен пристап, каде би требало да има многу стручњаци кои треба да работат на тоа да им даваат решенија на луѓето како да ги изградат тие вештини, како да научат да бидат самостојни, да бидат работоспособни, да имаат достоинствен живот, да си заработуваат за себеси, да создадат партнерство и семејство, додаде Јовановска Стојановска.

Oнлајн панел дискусијата ја организираше Здружението за ментално здравје „Асоцијација мисла“ со поддршка од програмата „Civica Mobilitas“, во рамки на проектот „Акција за поддршка на менталното здравје“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата