Иако до крајот на есенскиот дел од сезоната има уште, сепак, денешниот меч меѓу Шкендија и Македонија ЃП може во голема мера да го реши прашањето околу есенскиот првак. Практично денешното коло може да го реши тоа прашање, со оглед дека и Шкупи чека шанса од втор план.

Шкендија важи за фаворит поради домашниот терен, но е јасно дека и Шкендија е во серија од две нерешени средби, особено не се снаоѓа во дербијата, а денеска треба да покаже дека го заслужува тоа второ место, и да се обиде да стави печат. Од друга страна, пак, Македонија ЃП беше во налет, пред дербито со Шкупи кое заврши без голови, и пропушти шанса да се искачи на врвот.

Шкупи, пак, игра со Беласица на домашен терен. Важи за огромен фаворит, и само чудо треба да се случи чаирскиот тим да не победи, иако може да биде „мина“ затоа што Беласица освојува бодови на последните четири меча. Чаирскиот тим будно ќе се следи што ќе се случува и во Тетово, затоа што може со евентуално „реми“ таму, да профитира со победа и уште повеќе да влезе во битката за првото место.

Силекс игра со Вардар, тоа ќе биде битка за средината на табелата, односно за приклучување кон врвот на табелата. Силекс колку толку се опорави со победата од Битола, после трите последователни порази, а Вардар е во серија од две победи по ред, или четири меча без пораз.

Струга ТЛ и Борец исто така ќе биде интересен дуел за четвртата позиција на табелата. Борец дома игра одлично, но е во лоша серија. Од друга страна Струга ТЛ не знае за пораз долго време, а нивната одбрана е со најмалку примени гола.

Академија Пандев и Ренова играат во Струмица, битка која се очекуваше да биде за врвот, а не за долниот дел на табелата. Академија Пандев на последните пет меча има дури четири порази, додека Ренова после серијата без победа, во неделата со гол во 90-та минута, го совлада Борец. Најсилен адут за „гипсарите“ е Ќатип Османи на клупата, кој се врати во тимот после три години.