Генералниот директор на Сакраменто Кингс, Монте Мекнер, објасни зошто тимот од Калифорнија одлучи да не го задржи еден од најдобрите стрелци на „кралевите“ во изминатата сезона, Богдан Богдановиќ. Според него, прашањето било само во врска со финансиите.

„Имавме неколку дена да анализираме сè од сите страни и да донесеме одлука. Очигледно, Богдан е многу добар играч, и тој беше една од причините зошто бевме толку добри на крајот на минатата сезона. Но, на крајот на денот, се обидовме да ја задржиме финансиската флексибилност во иднина. Сакавме да ја задржиме можноста да ја подобриме поставата со талентирани играчи. Затоа направивме таков чекор“, вели Мекнер.

Сакраменто имаа право да ја повторат понудата во износ од 72 милиони долари, но не го сторија тоа и го пуштија Србинот да замине во Атланта Хоукс.