Адвокатот Давидовиќ за 27. април: Едни отидоа на робија, ДРУГИТЕ ГИ ОСЛОБОДИЈА И ДАРУВАА СО ТЕНДЕРИ

1.12.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Адвокатот Давидовиќ за 27. април: Едни отидоа на робија, ДРУГИТЕ ГИ ОСЛОБОДИЈА И ДАРУВАА СО ТЕНДЕРИ

Ако високи функционери, и тоа функционери на кои им биле доверени највисоките функции во државата, можат толку лесно да бидат заведени, што ли останува за ниските полициски службеници, или членови на граѓански здруженија, но во тој предмет – 27 Aприл, истиот сведок не тврдеше дека останатите се заведени

Звонко ДАВИДОВИЌ

Основниот Кривичен суд во Скопје пред повеќе од една и пол година донесе пресуда за предметот за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. На обвинетите што останаа обвинети во предметот и не беа амнестирани со срамниот Закон за амнестија, Судот им изрече вкупно 211 години казна затвор.

Само Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

СЕЛЕКТИВЕН ПРИСТАП ЗА СЛУЧАЈОТ „27 АПРИЛ“

За настаните во Собранието во овој предмет беа обвинети 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок, а 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија, меѓу кои, најголемиот број беа пратеници, кои ги отворија вратите на Собранието и ги повикуваа луѓето да влезат внатре, а кои подоцна ги дадоа своите гласови за промена на името согласно Преспанскиот договор.

Начинот на кој Судот го водеше предметот и маратонските рочишта беа нотирани и во месечните извештаи за состојбата со човековите права на невладините организации, во кои извештаи стоеше дека во судскиот процес се постапува на штета на обвинетите, особено во делот на динамиката на судскиот процес и неможноста за адекватна подготовка на сите учесници во постапката. Дејан Давидовски Дешо, обвинет во истиот предмет, а кој беше во бегство, не беше екстрадиран од Шведска со поразително образложение за нашето судство и предметот.

Во текот на постапката пред Судот продефилираа и сведочеа сите политичари кои се во мигот на високи државни функции. Второстепена пресуда, и покрај одржаната јавна седница пред многу месеци сѐ уште не е донесена.

Деновиве е во тек предметот за организаторите на настаните од 27 април, кои се обвинети за истото кривично дело, а меѓу обвинетите, се поранешниот претседател на Собранието, двајца поранешни министри и поранешен директор на УБК. И во овој предмет сведочат највисоките државни функционери. Еден од нив во своето сведочење кажа дека сите овие обвинети, поранешни високи државни функционери биле заведени од поранешниот премиер, кој е организатор на настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

Ваквата изјава на премиерот, кој бил нападнат и повреден во настаните предизвика бурни реакции во јавноста, но отвори и многу прашања по однос на овој, но и претходните предмети, кои и онака ги следат многу контроверзни решенија и постапки, кои ги кршат правата на обвинетите и директно влијаат врз утврдувањето на вистината. Влијаат врз еднаквоста на сите пред Законот, овозможуваат селективна примена на истиот и, покажуваат длабока вмешаност на политиката во судството.

Селективниот пристап се виде веднаш по подигање на првите обвиненија, каде што некои одговараа за учество во толпа, некои за терористичко загрозување за ист настан, а најсликовито селективноста се виде во Законот за амнестија и амнестираните пратеници. Ако на тоа се додаде и наведената изјава за заведеноста на екс претседателот на Собрание, двајца министри и директор на УБК, тогаш не може, а да не се заклучи следното.

ЗАКОНОТ ВАЖИ САМО ЗА СИТНИТЕ РИБИ

Само за ситните риби важи Законот и за оние малку покрупни, ама за кои не постои политичка потреба или математика. Еден ист настан, од исто обвинителство различно се квалификува зависно од потребата, желбата и расположението. Исти дејствија на различни луѓе во ист настан од страна на исто обвинителство, различно се квалификуваат. Што си повисоко во хиерархијата на власта повеќе си подводлив и помалку си отпорен на заведување. Еден министер или претседател на Собрание е повеќе подложен на влијание на лидерот, и истиот може полесно да биде заведен, отколку еден припадник на граѓанско здружение, кој нема ниту работа, а ниту такво образование, како овие на функција, без да се сфати ова како нечие потценување.

Ако високи функционери, и тоа функционери на кои им биле доверени највисоките функции во државата, можат толку лесно да бидат заведени, што ли останува за ниските полициски службеници, или членови на граѓански здруженија, но во тој предмет истиот сведок не тврдеше дека останатите се заведени. Како е можно да се претседатели на Собрание и министри, толку карактерно лабилни, па лесно се заведуваат, а народот и обичните луѓе толку силни што е невозможно да се заведени. Очигледен заклучок кој произлегува од ваквите изјави е дека е власта подводлива, лабилна и лесно е да ја заведеш, а народот силен и неподводлив. Понатаму, со едноставни зборови ова значи дека избраните кои доаѓаат на власт и се избираат на високи позиции, се лесно подводливи, а нивниот карактер и морал е поразителен.

Поразителен е и фактот што како последица на овој предмет, еден куп луѓе беа осудени на енормно високи казни, а други кои беа еднакво, или дури и повеќе виновни, седнаа на пратенички места, добија тендери и ја уживаа слободата. Нашето судство доби шлаканица од своите колеги од Шведска, кои им забележаа на објективноста, независноста и неполитизираноста, а Уставниот суд доби судија, кој беше окарактеризиран како судија со 30-годишно искуство и кој судел тешки предмети како Талир и 27 Април. Се заборави да се каже фактот дека истиот судија најголемиот дел од кариерата бил граѓански судија и дека истиот, според извештаите на невладините организации, грубо ги кршел правата на обвинетите и одбраната токму во предметот за 27 април.

Во судовите постојат судии и со подолг стаж од судијата, кој замина во Уставниот суд, но истите никој не ги спомнува и кои ќе ја завршат својата кариера како првостепени судии. Сево ова отвора и една нова дупка околу унапредувањето на судиите, постапката и критериумите, но за тоа во некоја друга прилика.

Масарик рекол дека во политиката вистината мора да чека, додека некому не стане потребна. Очигледно дека долги години никому не е потребна, па политичарите се однесуваат, според онаа Черчилова изрека – Политиката е способност да се предвиди што ќе се случи утре, следната недела, следниот месец, следната година. И способност по сето тоа да се објасни, зошто тоа не се случило.

Фокус.мк

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата