Руската вакцина „спутник V“ ќе стигне во Србија до крајот на неделата

30.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руската вакцина „спутник V“ ќе стигне во Србија до крајот на неделата

Првиот дел од руската вакцина „спутник V“ ќе пристигне во Србија до крајот на оваа недела, соопшти владината прес-служба на Србија по видео-конференцијата помеѓу српската премиерка, Ана Брнабиќ, и рускиот министер за индустрија и трговија, Денис Мантуров.

Рускиот министер ѝ потврдил на Брнабиќ дека првиот дел од вакцините за лабораториска контрола, во количина од 20 дози, во Србија ќе стигне до крајот на оваа недела.

Брнабиќ изјави дека владата на Србија, заедно со претседателот Вучиќ, работи на тоа што е можно побргу вакцината против коронавирусот да им биде достапна на граѓаните на Србија, објави владината канцеларија за соработка со медиумите.

Брнабиќ посочи дека целта е граѓаните да може да изберат која вакцина ќе ја примат во согласност со препораките и одобренијата на надлежните здравствени установи на Србија.

Премиерката додаде дека Србија е заинтересирана да ја разгледа можноста за заедничко производство на вакцина против Ковид-19.

На денешната видеоконференција присуствуваа и амбасадорот на Руската Федерација во Србија, Александар Бокан Карченко, раководството на Министерството за здравство на Руската Федерација, Рускиот фонд за директни инвестиции и претставници на Министерството за здравство и други надлежни здравствени установи на Србија.

Премиерката Ана Брнабиќ утре ќе го продолжи разговорот со претставниците на компанијата „Фајзер“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата