Цирих и Париз меѓу најскапите градови во светот

19.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Цирих и Париз меѓу најскапите градови во светот

Цирих и Париз ги истуркаа Сингапур и Осака од водечките позиции на новата листа на најскапи градови во светот, приклучувајќи му се на Хонг Конг со кој го делат првото место. Најновото истражување на британскиот The Economist Intelligence Unit (ЕИУ) за индексот на трошоците на животот покажува дека пандемијата на коронавирусите влијаела на цените на стоките и услугите во повеќе од 130 градови до септември оваа година. Според извештајот, скокот на Цирих и Париз на прво место се должи на зајакнувањето на швајцарскиот франк и еврото.

„Пандемијата на Ковид-19 предизвика слабеење на американскиот долар, додека западноевропските и северноазиските валути се зајакнаа во однос на тоа, што резултираше со зголемување на цените на стоките и услугите“, рече шефот на ова истражување на ЕИУ, Упасана Дат.

Трошоците за живот во Њујорк се користат како основен параметар за пресметување на тој индекс. Азиските градови традиционално доминираа на рангирањето во претходните години.Во Сингапур, кој сега е на четвртото место, цените паднаа поради егзодусот на странските работници.

„Бидејќи популацијата на градот-држава се намали за прв пат од 2003 година, побарувачката падна и се појави дефлација. Сличен тренд е забележан и во Осака, каде потрошувачките цени стагнираат, а јапонската влада субвенционира цени како јавниот превоз”, се вели во извештајот.

Осака го дели петтото место со Тел Авив меѓу десетте најскапи градови во светот.Следат Женева и Њујорк, а Копенхаген и Лос Анџелес ја заокружуваат листата на првите десет во светот според трошоците за живот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата