Кога изборите се ПОВАЖНИ ОД ЗДРАВЈЕТО И ЖИВОТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

6.11.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кога изборите се ПОВАЖНИ ОД ЗДРАВЈЕТО И ЖИВОТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Изреката „граѓаните на прво место“ како да не важи за владејачката СДСМ. Желбата на СДСМ за избори и власт се покажува како поголема од заштитата на здравјето и животите на граѓаните. Додека Македонија ги живее најцрните денови откако почна пандемијата на корона вирусот СДСМ единствено размислува за предвремените локални избори во Штип и Пласница.

Во Македонија бројките на заразени веќе се алармантни. Вчера имаше 1.275 заразени и 13 починати, додека претходниот ден имаше 1.192 заразени и 22 починати од корона вирусот. Само во Штип за два дена беа регистрирани 86 нови случаи и 3 починати, додека како активни се водат 364 пациенти.

Во една ваква тешка состојба за граѓаните, СДСМ смета дека треба да се влезе во кампања и да се избори. Тие се закажани за 13 декември, а СДСМ веќе ги почнаа подготовките. Го најавија и кандидатот, доктор Сашко Николов кој е и актуелен пратеник од истата општина. ДУИ пак го објави кандидатот за Пласница, а тоа е Али Јахоски.

За разлика од нив останатите партии повикуваат на разум и одговорно однесување кон граѓаните. Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за телевизија „Клан“ апелираше дека не треба дополнително да се загрозува здравјето на граѓаните.

Ситуацијата е алармантна. Прашање е на време кога ќе надмине бројката преку 1.500-2.000 заразени. И сега што треба ние да правиме, да влеземе да водиме кампања во средини и дополнително да се дозаразиме, и не само ние туку да ги заразиме и мештаните и да допринесеме да се прошири уште повеќе пандемијата. Ситуацијата е опасна по здравјето на луѓето, опасна по жителите на тие општини, дека не треба по секоја цена да се натпреваруваме и да победиме, и дека треба да се заштитат парите кои ги нема и да размислиме како ќе се однесуваме кон овие два процеси, рече Мицкоски.

Од партијата и официјално потоа побараа одложување на изборите се додека не се создадат нормални услови со кои нема да бидат загрозени животите на граѓаните од овие две општини.

Со сличен став излегоа и од Глас за Македонија, но и од Коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“. Според нив не е вистинско време за вонредни локални избори, поради ситуацијата создадена од пандемијата.

Мислам дека е многу неразумно во оваа економска криза и во оваа состојба на пандемија да се организираат вонредни локални избори на кои ќе бидат избрани градоначалници за мандат од 10 месеци. Нека анализираат како може да им се продолжи мандатот на овие двајца градоначалници во Пласница и Штип може да биде продолжен за уште 10 месеци, да не ги трошиме парите, па наместо на избори, да ги потрошиме на лекови или да направиме што повеќе тестови, рече Арбен Таравари од АА-Алтернатива.

Од СДСМ засега се на став дека избори треба да има, а доколку се следат медумите кои важат блиски до нив, може да се забележи дека партијата активно се спрема за истите. Оттука е зачудувачки како владејачка партија која треба да се грижи за граѓаните среде пик на пандемија бара избори. Додека од една страна СДСМ постојано ги обвинува граѓаните и опозицијата за високата стапка на зараза, од друга страна упорно турка избори. Иако самата партија постојано повикува, но и како власт, ги донесе мерките за задолжителни маски, забрана за групирање, препорака да нема домашни собири и прослави, сепак смета дека е во ред да се оди во кампања, каде очигледно би имало собири, но и одржување на избори во кои во затворен простор ќе поминат десетици илјади граѓани.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата