Милевски: По 40 години, Пониква добива реконструирани ски лифтови

31.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Милевски: По 40 години, Пониква добива реконструирани ски лифтови

Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта издвои средства да се реконструира патот за еден помасовен туризам на Пониква, а Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, обезбедија пет милиони денари да се реконструираат и да се стават во функција ски лифтовите во рамки на Источниот плански регион.

Со проектот е опфатена реконструкција на постојните ски-лифтовите со должина од вкупно 692 метри, замена на сајли, котви, лагери, редуктори, комплетна електроника, репарација на стопи и бојадисување на столбови и друго. Со реконструкцијата на ски лифтовите на Пониква, Министерството очекува да се зголеми побарувачката за спортски туризам, да се привлечат спортски клубови и спортисти, како и аматери, деца и љубители на зимскиот туризам и да се зголеми безбедноста на посетителите.

„Мене ми е задоволство овие скии лифтови ќе бидат ставени во функција иако биле пред се заборавени од времето, нефункционални, така што Источниот плански регион заедно со општина Кочани, имаат идеја за туризмот и за развој на регионот. Со комплетната реконструкција на старите и нефункционални ски-лифтови се очекува да се подобрат условите за скијање, да се намалат досегашниот метеж, односно да се зголеми капацитетот на гости. Со реализација на овој проект ќе се подобрат условите за работа на ски клубовите и школите за млади скијачи, како и подобри услови за скијање на сите потенцијални скијачи и туристи на Пониква. Реконструираните ски лифтови ќе бидат достапни за употреба на сите категории граѓани, деца, ученици, студенти, вработени, невработени, пензионери, а за ранливите категории граѓани кои имаат желба за скијање ќе бидат обезбедени посебни поволности односно организиран превоз и бесплатно скијање“, рече Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, рече дека ски лифтовите се изградени пред 40 години.

„Ги реконструираме и ски лифтовите кои се изградени пред нешто повеќе од 40 години, проект кој сметам дека е навистина регионален и кој ќе допринесе да го одржиме скијањето, да ја подобриме безбедноста на скијачите кои што скијаат овде на Пониква, и секако да сите допринесеме за развој на зимскиот туризам овде, на Пониква“, кажа Иијев.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата