ЛЕКАРИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, бараат оставка од директорот на Детската болница Козле

29.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЛЕКАРИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, бараат оставка од директорот на Детската болница Козле

Бараме итно разрешување на медицинскиот директор Ангелчо Андоновски. Имено, директорот уште од неговото поставување на оваа функција, никогаш не воспоставил соодветна комуникација со лекарите во болницата. Не присуствувал на нашите стручни состаноци, нема никаков увид во работењето, ниту е активно присутен во процесот на работа и ангажираност на педијатрите. Поради неможност за директна комуникација, вработените се оставени сами на себе и се приморани сами да донесуваат одлуки во тек на работниот процес, реагира денеска лекарскиот колегиум од Институт за белодробни заболувања кај децата со писмен допис до јавноста, но и надлежните.

-На почетокот на пандемијата  целокупниот педијатриски медицински персонал постојано функционираше во црвена зона за целото работно време, во тек на 8 или 12 часа, (амбуланта, хоспитализации, лекарски извештаи), што се коси со сите правила и препораки на Министерството за здравство за заштита на медицинскиот персонал во Ковид центрите. Бевме доведени во ситуација да се пресоблекуваме во багажниците на своите автомобили, се вели во дописот од колегиумот на Клиниката.

Лекарите говорат и за несоодветните услови за работа кои се и несоодветни за пациентите.

-Амбулантата за прегледи на педијатриските пациенти е соба број 6 која се наоѓа во самиот оддел во црвена зона  каде се хоспитализирани пациентите со Ковид 19. Во таа амбуланта го прегледуваме секое дете, а не секоја состојба значи инфекција со Ковид 19. Ова  значи дека во оваа амбуланта за  преглед се мешаат  и негативните и позитивните деца, а со тоа се загрозува  здравјето на нашите пациенти и се шири инфекцијата . И за ова состојба ние како педијатри  со цел да си ги заштитиме своите пациенти и да го превенираме ширењето на заразата во   неколку наврати писмено го информиравме директорот Андоновски  и на тоа не добивме одговор. За децата не е обезбеден ниту простор за тријажа, тие за преглед чекаат буквално по клупите во дворот  со родителите  заеднички и позитивни и негативни болни деца и нивните родители од ковид 19, се вели во дописот од лекарскиот колегиум.

Лекарите се жалат и на мобинг или велат „наместо заеднички да се решат проблемите како што во неколку наврати бараше лекарскиот колегиум, нашиот директор го решава проблемот со вршење мобинг најчесто кон специјалистите, сукцесивно, поединечно, и истовремено  има деградирачки омаловажувачки однос кон сите вработени“.

-Преку апликација инсталирана на својот мобилен телефон, постојано ги следи вработените преку камерите во болницата, ,,лови“ жртви и испраќа пораки со малициозност, закани и прети со парична казна.  За ова сведочат многу пораки на мобилните телефони на педијатрите, велат од лекарскиот колегиум.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата