Во изминатите десет кола во ПМФЛ, екипата на Струга Трим Лум важи за најнегостољубив домаќин. Тимот на стратегот Срѓан Захариевски на свој терен одигра четири меча и билансот е четири победи, гол разликата е 8:0. И други екипи, како Шкендија, Шкупи, Борец и Работнички не се поразени дома, но сите тие екипи играле и нерешено кога биле домаќини, а имаат примено и голови во својата мрежа. Само Струга Трим Лум нема пораз, а се нема ни тресено мрежата на голманот Ѓуриќ. Борец (1:0), Силекс (2:0), Шкупи (2:0) и Беласица (3:0) се екипите кои мораа на гости во Струга да го “положат оружјето“ и да признаат дека се надиграни од подобриот од себе, од домашниот состав на Струга Трим Лум. Е, сега, ако се знае дека во наредните три кола Струга Трим Лум на сите три средби ќе биде домаќин, тогаш може да се каже дека тоа 5. место на табелата и тие 15 бодови може и тоа како да се поправат. Викендов на гости доаѓа Вардар, па потоа на ред е Ренова, па Шкендија. Се е се тоа добри екипи, но Струга Трим Лум против сите ќе оди на победа, бидете уверени во тоа.
НАЈДОБРА ОДБРАНА ВО ПМФЛ
Кога сме кај стружани да кажеме дека во изминатите десет кола оваа екипа ја има и најдобрата одбрана во ПМФЛ. Голманот Урош Ѓуриќ само во седум наврати бил совладан. Тука мислиме на мечевите на гости, па нели Струга Трим Лум како домаќин нема примено гол. Шкендија (2), А. Пандев (1), Работнички (1), Македонија ЃП (2) и Пелистер (1) се екипи кои се радувале на гол против Струга Трим Лум. За ова секако заслуга има голманот Ѓуриќ, но не смееме да ги заборавиме ниту дефанзивците Мециновиќ, Цаке, Шеји, Ристевски, Миленковски, но и останатите фудбалери на овој клуб.
И на крај, Струга Трим Лум успеа да се најде и во 1/4 финалето во Купот на Македонија ЃП.