Нема лесно во Лига Европа за Металург. Зоран Кастратовиќ и неговите момци ги чекаат вистински битки во групната фаза во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Тулуз е фаворит на денешната средба (18:45 часот), противникот е добро анализиран, ракометарите на тимот од Автокоманда ќе мора добро да го спроведат договореното доколку сакаат рамо до рамо да се носат со францускиот состав.

“Самиот факт дека ќе играме против екипа од францускиот шампионат доволно зборува за нивниот квалитет. Во изминатите дваесетина дена ги анализиравме нивната офанзивна игра и формациската поставеност во одбраната и сметам дека имаме доволно информации за да подготвиме соодветна противигра со која би ги изненадиле и би стигнале до победа и први бодови сезонава“, вели Кастратовиќ.

Одбраната ќе мора да функционира перфектно, Тулуз има добра транзиција.

“Тулуз е добро покриен на сите позиции, брзата транзиција им е најсилно оружје. Ќе мора од старт да влеземе максимално борбено во одбраната и концентрирано во нападот, техничките грешки ќе мора да ги сведеме на минимум и да не му се дозволиме на противникот да постигнува лесни голови, ние треба да го диктираме темпото“.

Металург е во групата А, заедно со Чеховски Медведи, Адемар Леон, Висла и Фиверс, ќе игра за едно од првите четири места на табелата, кои носат пласман во осминафиналето.