Денеска Брегалница го дозна ривалот во 1/8 финалето во Купот на Македонија. Тоа е составот на Беласица, меч кој се игра на 21 октомври. Се чини поволна ждрепка за штипските “сини“ кои лани во ова натпреварување немаа среќа, стигнаа до полуфиналето во Купот каде што ги чекаше двомеч со Академија Пандев, но сезоната беше прекината поради Ковид-19, па така Брегалница не успеа да испише клупска историја.

За тоа како во Брегалница гледаат на претстојниот ривал во Купот на Македонија, свој коментар специјално за СПОРТМЕДИА има Кире Гогов, првиот човек на штипјани.

Што се однесува до ждрепката немам посебен коментар. Ривал како ривал, добро е што ќе играме дома. Инаку Брегалница ќе игра со цел да ја победи Беласица и да се пласира во следната фаза во Купот, но искрено нам оваа сезона приоритет ни е првенството. Се знае кои се нашите амбиции, а тоа првото место во Втората лига – исток, и се ни е подредено кон таа цел. По дербито со Тиквеш останавме на делба на првото место, сега очекувам враќање на победничките патеки. Имаме добар тим, и очекувам од нашите играчи да го потврдат тој свој квалитет, со добри игри и пред се со победи. Нема лесно против никого, секој против Брегалница го дава максимумот и затоа треба концентрација, да се прават што помалку грешки и секако да се победува“ истакна Гогов.