Актуелниот англиски шампион Ливерпул ја забележа и третата победа во третото коло од Премиер лигата. Вечерва е совладан уште еден лондонски ривал, Арсенал и тоа на „Енфилд роуд“ со резултат 3:1 и патем го спречија ривалот да стигне до 100% ефект по првите три кола од новата сезона.

„Топчиите“ стигнаа до предност со голот на Александре Лаказет во 25. минута, меѓутоа од 28 до 34 минута Ливерпул го сврте резултатот. Прво погоди Садио Мане откако еден отпадок по шутот на Салах го претвори во гол, а потоа и бекот Робертсон се прошета покрај заспаната одбрана на противникот и погоди. Лаказет имаше фантастична можност да израмни во 62 минута, но кога излезе сам пред Алисон не успеа да погоди. Поточно бразилскиот голман му го одбрани ударот.

Во 88 минута реализираше и новакот Диого Жота. Тоа е неговиот дебитантски настап и гол за „Црвените“. Интересно, Жота е 13-тиот фудбалер кој постигнува гол на премиерлигашкото деби за Ливерпул, а втор кој успеал да го направи тоа против Арсенал после Садио Мане.

Идното коло Ливерпул ќе игра со Астон Вила, додека Арсенал ќе се соочи со Шефилд Јунајтед.