Баерн Минхен е апсолутниот владетел на Европа откако вечерва ја совлада екипата на Севиља во УЕФА Суперкупот. Освојувачот на Лигата на шампионите го совлада победникот во Лига Европа во меч за трофејот кој се одигра на „Пушкаш арена“ во Будимпешта.

Севиља дојде во предност во 12 минута од пенал. Давид Алаба направи прекршок во својот шеснаесетник, а судијата Ентони Тејлор покажа на белата точка. Лукас Окампос не погреши и тоа е негов шести гол од пенал во шестиот обид во дресот на Севиља што е успешност од 100%.

Но Баерн изедначи во 34 минута. Нафрлена топка, Левандовски го проигра Горецка кој со силен шут ја затресе мрежата.

А во 51 минута Баерн даде гол но судијата го поништи поради офсајд. Гнарби и Левандовски си поиграа со одбраната на Севиља, а Полјакот постигна погодок, но претходно имало офсајд.

А германскиот гигант успеа да стигне до втор гол во продолженијата. Поточно во 104 минута. Хави Мартинез влезе во игра место Хернандез и само пет минути подоцна ја затресе мрежата на Севиља за 2:1. Тоа беше и конечниот резултат.

За Баерн ова е втор трофеј од УЕФА Суперкупот после оној од 2013 година. Инаку „Баварците“ имаат и три изгубени финалиња во 1975, 1976 и 2001 година.

А Баерн оваа година обедини четири трофеја. Ги освои Бундес лигата, Купот на Германија, Лигата на шампионите и сега УЕФА Суперкупот. Исто како и во 2013 година!

Следно за Баерн е Светското клупско првенство за титулата светски првак. Ќе видиме што ќе биде со ова натпреварување со оглед дека во светот се уште е во борба со пандемијата на коронавирусот КОВИД-19.