Шкендија вечерва на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, се среќава со најсилниот противник во својата историја, а тоа е тимот на Тотенхем. Тетовци по нивна заслуга го “заработија“ овој натпревар со триумфот над Ботошани во 2.квалификациско коло во Лигата на Европа. Денови, денови ни се потребни за да кажеме кој е тој Тотенхем. Но тоа е друга приказна.

Шкендија и сите во таборот на нашиот клуб не криеја дека посакуваат во 3.квалификациско коло да го добијат Мурињо, и го добија. Жозе дојде на гости во Скопје, по вторпат. Подобро за Шкендија не можеше, сега цел фудбалски свет вечерва ќе говори за овој натпревар. Реклама која ни во сон не можеше да се замисли. Ова е настан кој во Македонија, ако не беше Ковид-19 ерата, секако дека ќе беше еуфорично, ќе се бараше билет повеќе, сите ќе сакаа да го гледаат во живо тој Мурињо, да навиваат за нашиот евро – претставник.

И да не се заборави, да дојдат Мурињо и Тотенхем во Скопје е заслуга на Шкендија.

Тетовци овој вечерашен меч го добија откако си ги “смачкаа“ Сумгаит и Ботошани на нивни терен, и тоа без да се тресе мрежата на Захов.

Значи Шкендија го сакаше овој дуел, Шкендија и го доби овој дуел. Е, па, сега е време Шкендија да покаже што знае, колку може против еден така светски гигант.

Тетовци предводени од капитенот Егзон Бејтулаи треба да истрчаат на терен со цел да победат, во спротивно ќе биде лошо по нив. Ако можеше Локо Пловдив да даде така силен отпор, зошто тоа да не го може Шкендија.

Доста е веќе анализи, детализирање, се знае кој е кој, но сето тоа оди во заборав. Пред нас се 90 историски минути на Шкендија, ова е вистинскиот тест, оној европски за оваа генерација на Бесарт Ибраими и останатите во Шкендија.

Наше е да посакаме многу, многу среќа, и се разбира успех.

Ех, што би значело тоа за Шкендија и општо за мак – фудбалот.