БЕРЛИН САКА НЕШТО ДА КАЖЕ: „Американскиот амбасадор се однесува како гувернер на окупаторска сила“

22.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
БЕРЛИН САКА НЕШТО ДА КАЖЕ: „Американскиот амбасадор се однесува како гувернер на окупаторска сила“

Американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел зачестено предизвикува револт со мешање во германската политика. Заменик-претседателот на Либералите Волфганг Кубики бара дури негово протерување.

Американскиот дипломат Ричард Гренел очигледно се изнервирал од најавата на германскиот министер за финансии Олаф Шолц. Буџетскиот план на Шолц за идната година предвидува благо зголемување на уделот за одбрана- 1,37 проценти од Брутовнатрешниот производ на земјата, но среднорочно, до 2023 година, повторно намалување на 1,25 проценти. САД меѓутоа веќе подолго време инсистираат на посилен финансиски ангажман на Германија во НАТО. „НАТО-членките јасно ветија до 2024 година да се движат кон одбранбен буџет од два проценти, а не обратно“, изјави Гренел за ДПА.

Во критиката на амбасадорот на САД на планираните издвојувања за одбрана многумина гледаат вмешување во внатрешните односи на Германија. Пратеникот во Бундестагот и заменик-претседател на Партијата на слободните демократи, Волфганг Кубики дури побара Гренел да ја напушти Германија.

Според Кубики, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас би требало „неодложно да го прогласи Ричард Гренел за персона нон грата“.

„Кога еден американски дипломат се однесува како да е висок комесар на окупаторска сила, мора да научи дека нашата толеранција познава и граници“, истакна Кубики, дополнувајќи дека Гренел ја прекршува Виенската конвенција, според која амбасадор не смее да се меша во внатрешните работи на земјата во која е акредитиран.

„Дипломатско фијаско“

И Карстен Шнајдер, член на пратеничката група на СПД во Бундестагот, ја отфрли критиката на американскиот амбасадор. „Господин Гренел е дипломатско фијаско“, изјави тој, „Гренел им штети на трансатлантските односи. Сето ова наликува повеќе на однесување на еден безобразник“.

Шефот на покраинската пратеничка група на ЦСУ, Александер Добринт потенцираше дека инструкциите на Гренел немаат никакво дејство, Бундестагот не дозволува никакви совети од страна. „Буџетот е суверена одлука на Германија и на германскиот Бундестаг“, рече тој.

Михаел Гросе-Бремер од пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ пак смета дека кога американскиот амбасадор веќе го коментира буџетот, треба да има вкупен преглед на сите ангажмани на Германија. На пример во Мали, каде Американците не се присутни.

Постојани провокации

Причината што германски политичари толку отворено се спротиставуваат на Гренел има предисторија. Откако денес 52-годишниот Гренел во мај 2018 година беше испратен од американскиот претседател Доналд Трамп за амбасадор во Берлин, постојано ја коментира германската политика и поставува барања. Така, кратко по своето назначување, инсистираше германските фирми, по откажувањето на САД од Нуклеарниот договор со Иран, да немаат веќе никакви деловни врски со Техеран.  Во февруари 2019 година Гренел ги предупреди Германија и други европски држави да не ги заобиколуваат санкциите на САД против Иран.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата