Минатогодишната тениска сензација, канадската тенисерка Бјанка Андрееску објави дека, сепак, нема да настапи на Францускиот Опен оваа година. Според информацијата која ја објави во соопштението испратено до медиумите, Канаѓанката вели дека нема да се врати на терените до крајот на годината.

„Донесов тешка одлука да ја прескокнам сезоната на земја, а остатокот од годината ќе го посветам на здравјето и тренинзите. Се радувам на следната сезона и на Олимписките игри, сакам да се фокусирам на својата игра и да се вратам уште посилна и подобра од кога било досега“, вели Андрееску.

Андрееску направи сензација минатата година со освојувањето на УС Опен, каде не успеа да ја одбрани титулата оваа година, а последниот натпревар го одигра на минатогодишното ВТА финале во Шенжен, каде се повлече поради повреда на коленото.