Рудникот САСА ќе започне со чистење на речното корито

18.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Рудникот САСА ќе започне со чистење на речното корито

Рудникот САСА соопшти дека итно е започната санација на последиците од краткотрајно истекување на јаловишен материјал во локалниот речен тек, што се случи на 14 септември.

„ Во договор со надлежните институции на локално и државно ниво и по добивањето неопходните одобренија, во најкраток можен рок Рудник САСА ќе започне со чистење на речното корито. Во првата фаза од чистењето ќе бидат опфатени приоритетните зони посочени од надлежните институции, а во втората фаза ќе се пристапи и кон чистење на преостанатиот дел од речното корито за што компанијата подготвува план и соодветна документација. Целата операција ќе се одвива во соработка и координација со локалната заедница и општината Македонска Каменица“ соопштија од САСА.

Дополнително, како што велат, рудникот САСА ќе изврши темелна анализа, врз основа на што компанијата ќе ги преземе сите неопходни дополнителни активности кои треба да обезбедат долгорочна заштита на животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето.

Паралелно со ова, Рудникот САСА, раководејќи се според најдобрите достапни светски технологии и стандарди во оваа област, ќе ги направи сите потребни инженерски прилагодувања со цел да се осигури дека вакво нешто нема да се повтори. За таа цел веќе се ангажирани и глобалните консултанти од компанијата „Најт Пиезолд“ кои исто така ќе помогнат во овој процес.

Во реализација на сите овие мерки и активности, Рудникот САСА и понатаму интензивно ќе соработува со сите надлежни институции на локално и државно ниво, како и со претставници од академската, научната заедница и граѓанскиот сектор, со цел да се обезбеди натамошен одржлив развој на рудникот во согласност со највисоките стандарди.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата