ВТОР СЛУЧАЈ НА ЗАРАЗЕНО ДЕТЕ ВО ГРАДИНКА, а родителите мора да се вратат на работа

18.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ВТОР СЛУЧАЈ НА ЗАРАЗЕНО ДЕТЕ ВО ГРАДИНКА, а родителите мора да се вратат на работа

Втор случај на Ковид-19 на дете во градинка вчера беше регистриран во нашата држава. Се работи за дете од еден од клоновите на струмичката градинка „Детска радост“. Детето не било носено во градинката од понеделникот, а вирусот го добило од член на семејството.

-Преземени се сите мерки за ширење на вирусот, а децата од таа група, воспитувачите и родителите се изолирани, изјави вчера директорот на градинката Васил Бубев.

Пред три дена, скопската градинка „13 Ноември“ во општина Центар, го пријави првиот случај на заразено 15-месечно дете. И во овој случај, децата кои биле во група со заразеното дете беа ставени во домашна изолација.

Од отворањето на градинките на 9 септември, за десет дена има две заразени деца, по едно во Скопје и Струмица, и воспитувачки од Свети Николе и Битола.

Со барање за укинување на одлуката на 23 септември да се вратат на работа, мајките на деца до шестгодишна возраст и оние кои се на породилно отсуство вчера излегоа на протест пред Владата. Бараат породилното отсуство да биде продолжено до крајот на годината, а според нив во градинките нема место и воопшто не можат да ги запишат нивните деца. Петицијата ја потпишале 3.325 мајки.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче синоќа во Владата остварија средба со дел од родителите, кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство, а кои реагираа на владинаѕа одлуката на на 23 септември сите родители на деца од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места, поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.

Министрите истакнале дека одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој на минимум го сведува ризикот од ширење на КОВИД-19.

Владата вчера излезе и со реакција во која наведува дека будно ја следи состојбата во градинките и оти нема место за паника. Таа останува на одлуката родителите на децата до шестгодишна возраст и оние кои беа на продолжено породилно боледување да се вратат на работа на 23 септември.

-Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот КОВИД-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата, информираа вчера од Владата во соопштение во кое додаваат дека таа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа.

Појаснуваат дека дополнително, во координација со Комисијата за заразни болести донесена е и Одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група, со што јавните установи за згрижување на деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките кои до сега користеа продолжено породилно отсуство.

Согласно Протоколот, приоритет за згрижување во градинките имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители, со што се исклучува секаква можност децата да останат без соодветна грижа и нега. Владата потенцира дека внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки што се во интерес на граѓаните и на државата.

Под мотото „Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“, вчера беше одбележан 17 септември – Светски ден посветен на безбедноста на пациентите. Светската здравствена организација оваа година акцентот го става и на безбедноста на здравствените работници, кои се во првите борбени редови во справувањето со вирусот КОВИД-19, како еден од најголемите здравствени предизвици со кои се соочува светот.

-Со заштитата на здравствените работници се штитат и пациенти кои се во контакт со нив, истакнуваат од Министерството за здравство.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата