Фудбалерите на Црвена Звезда се елиминирани во 3. квалификациско коло од Лигата на шампионите. На гостувањето на Кипар против Омонија, белградските „црвено-бели“ загубија по изведувањето на пеналите, откако во регуларниот дел беше 1:1.

Омонија погоди со еден чуден гол од корнер во 31. минута. Лифнер беше среќникот за Кипраните, но Црвена Звезда успеа брзо да се врати за израмнување, па со голот на Иваниќ во 45. минута и да замине на пауза со реми.

Во второто полувреме белграѓани имаа повеќе од играта, но Омонија ја имаше можеби најубавата шанса за победа кон крајот на мечот. Голманот на Ц. Звезда Борјан имаше брилијантна интервенција и не дозволи мечот да биде решен во регуларниот дел.

Откако немаше погодоци по дополнителните 30 минути, следеа пеналите, каде домашните беа со 100% ефикасност, додека за Ц. Звезда не погодија Фалкинели и Дегенек.