Заев на конференција на „Економист“ за Западен Балкан: Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици

16.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Заев на конференција на „Економист“ за Западен Балкан: Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици

Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во добрососедски односи, да ги надминуваме отворените прашања со дијалог и толеранција и да ја подобруваме регионалната соработка, истакна премиерот, Зоран Заев, на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата на угледниот магазин „Економист“  на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ што се одржува во Атина.

Според Заев, потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан.

„Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатланските интеграции“, кажа Заев.

Премиерот нагласи дека за него е од особено значење што неговото прво службено патување надвор од земјата во вториот мандат како претседател на Владата на Северна Македонија е работната посета на Република Грција, која освен учеството на конференцијата на „Економист“, вклучува и средби со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу.

Настанот во организација на „Економист“, подвлече премиерот Заев е сериозна платформа за дебата за сегашноста и иднината на нашиот регион, и учеството на сите угледни и влијателни гости на конференцијата од политиката и бизнис заедницата е одлична можност за размена на идеи и за соработка за долгорочна политичка стабилност како предуслов за економски раст на земјите од опкружувањето.

На панелот свои обраќања имаа и премиерот на Албанија Еди Рама, и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојанис и Јоргос Кутрогалос.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата