„Ауди“ ги укинува ноќните смени во седиштето на компанијата

19.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Ауди“ ги укинува ноќните смени во седиштето на компанијата

Германскиот производител на луксузни автомобили „Ауди“ денеска соопшти дека ќе ја укине постојаната ноќна смена во центарот во Инголштат во контекст на падот на продажбата, по скандалот со фалсификуваните податоци за емисиите на штетни гасови од дизел-автомобилите.

„Намаленото производство во фабриката Инголштат може да се постигне без постојана ноќна смена и така да се овозможат поекономични смени“, информираат од „Ауди“.

Во моментов моделите А4 и А5 се составуваат во текот на ноќните смени.

„Работниците од постојана ноќна смена се итно потребни за тековните предизвици во проектите за нови возила, како што се новите модели на A3 седан и A3 спортбек“, се вели во соопштението на производителот.

Укинувањето на ноќните смени опфаќа околу 450 работници кои работат на лентата за склопување на возила, при што некои од нив ќе бидат префрлени во други области на производството, но од компанијата се децидни дека нема да има отпуштања.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата