Силјановска: Човекот кој ја отвори вратата на Собранието шета како слободен човек

15.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Силјановска: Човекот кој ја отвори вратата на Собранието шета како слободен човек

По селективната амнестија и инструментализиранато менување на Кривичниот Законик денешните пресуди делуваат вознемирувачки, реагираше кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на денешните пресуди за 27 април.

-Во низата темни датуми во поновата македонска историја, 27 април ќе остане запаметен по сцените на насилство. Сите бевме шокирани и загрижени. Денешните пресуди за лицата поврзани со овие настани се само финалето на еден долг процес, кој покажа дека и судството, правото и правдата се политизирани. Наместо правно и правично втемелен процес, видовме процес кој остави темни дамки на правосудството, сцени на несоодветно постапување со обвинетите, притвори како казни, пазарење заради обезбедување мнозинство во Собранието, и конечно денес, драконски казни. Осудените ќе си ја бараат правдата за себе пред домашните и меѓународните институции, но општеството останува соочено со горчливото чувство на длабока недоверба во судството и со селективна правда. Човекот кој ја отвори вратата на Собранието, забележан и од камерите, шета како слободен човек. Во сенката се оние кои побараа амнестија, но никогаш нема да го заборават сето она на што беа изложени. Еден светски познат оперски пејач мина низ Голгота, но неговата храброст, бодрост и смирена насмевка ќе се запаметат како симбол на храбар и чесен човек кој излезе од кафкијанскиот процес. Македонија останува поделена, со разурнати институции, без чувство на правда, помирувањето се изложи на ругање затоа што беше паричка за поткусурување. Долг е патот до правната држава, но ќе го изодиме заедно, напиша Силјановска.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата