Внукот на ПОГЛАВАРОТ НА ИВЗ е дивиот инвеститор на МАТКА

15.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Внукот на ПОГЛАВАРОТ НА ИВЗ е дивиот инвеститор на МАТКА

Мерван Сулејмани, внукот на поглаварот на ИВЗ Реџеп Сулејмани е човекот кој инвестирал во изградба на дивите платформи на кањонот Матка, потврдуваат за vecer.mk од извори во ДУИ. Нашите извори напоменуваат дека освен платформите, внукот на Реисот има инвестирано и во други објекти во забранетата зона на Матка.

Тој е близок со градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, низ чија општина нечијно минале сите камиони со материјалите за изградба на платформите, но и за други објекти, кои се носени по вода.

Членови на семејството Сулејмани биле повикани да објаснат што тоа се случува на Матка, откако медиумите објавија дека има дивогради во зона заштитена со закон, напоменуваат нашите извори. На таа средба, тие не ја кажале вистината. Тврделе дека спорните објекти се таму од поодамна (повеќе од 10 години) и покрај веројатните законски и политички последици од таквото тврдење.

Нема информации дали на некоја од последните средби меѓу Премиерот Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети станало збор и за ова прашање.

Мерван Сулејмани

Платформите никнаа преку ноќ, а се доградуваа со месеци без притоа надлежните инспекции да излезат на терен и да се позанимаваат со дивоградбата. Градските служби апелира до општинските во Сарај да си ја завршат работата, а од таму сеуште се вадат дека немаат инспектори за да излезат на терен. Во Град Скопје тврдат дека по сопствена иницијатива преку градскиот инспекторат излегле на терен и констатирале бесправна состојба, а за тоа го известиле Инспекцискиот совет, кој треба да преземе дополнителни мерки заради неактивност на градежната инспекција на Општина Сарај.

„Покрај тоа, во координација со министерот за транспорт и врски го известивме Државниот инспекторат, кој треба да излезе на самото место да ја констатира состојбата и согласно со тоа да донесе соодветни одлуки дали да ги одземе ингеренциите во урбанизмот на Општина Сарај“, потенцира градскиот татко Петре Шилегов.

Тој апелираше до Општина Сарај и до градоначалникот Блерим Беџети да почнат да си ги вршат задачите за кои што се избрани и платени од граѓаните.

Три платформи кои се поставени во заштитеното подрачје на Матка се дивоградби а градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, најави дека ќе се обиде да најде правно решение за трите во пакет. Иако прецизно не кажа, меѓу редови најави дека како последна ја остава можноста да се руши било која од поставените три платформи. Рече дека платформите се таму со години и дека станува збор за реновирање и реставрирање, а не изградба како што објавија медиумите.

На градоначалникот Шилегов му порача дека избрзал со изјавите и дека треба да се фокусира на проблемите за кои е надлежен а кои се на територијата на Општина Сарај.

- Избрзана му е изјавата, не држи. Петре треба да ги види другите надлежности кои ги има, а не да се занимава со надлежностите на Општина Сарај, изјави Беџети.

Додека локалната и централната власт меѓу себе се допишуваат чија служба затаила во ваквото дивеење на Матка, се поставува прашањето – зошто на градоначалникот Блерим Беџети од Сарај не му се одземат ингеренциите во секторот градежништво и урбанизам, по истиот принцип по кој на гостиварскиот кмет Арбен Таравари му се одземаа ингеренциите во образованието?

Телевизија Телма пред неколку денови објави репортажа од теренот за она што се се гради во забранетата зона. На стотина метри од црквата Свети Андреја, почнува редот викендички. До пештерата Врело има над десет. Дел од нив стари и трошни, можно и да не се користат, но барем пет се модерни и делуваат дека се таму од неодамна.

Според податоците во централниот регистер потегот од црвката Свети Андреја до пештерата Врело е под катастарската општина Света Петка и е покриен во неколку парцели. Дел од нив приватни, дел државно земјиште. Парцела сопственост на жител на селото Глумово има маркичка Б4-6 односно која според законската регулатива предвидува дозвола за изградба на хотелски комплекс.

Собранието на Град Скопје уште во 1994 година го прогласи локалитетот Кањон Матка за заштитено подрачје од категоријата Споменик на природата поради уникатната флора и фауна и изворедни геолошки и хидролошки карактеристики. Во одлуката децидно стои дека се забранува превземање на било какви дејствија кои можат да го нарушат интегритетот и природниот изглед на локалитетот, вршење на било какви дејствија без предходно прибавено стручно мислење од министерството за животна средина и изведба на сите видови на градби на подрачјето на споменикот на природата освен усвоениот хидроенeргетски објект со водостопнска основа- Браната Матка”

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата