30-дневен притвор за Тони Јакимовски поради проневера на пари во УБК

14.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
30-дневен притвор за Тони Јакимовски поради проневера на пари во УБК

Основниот суд Скопје по барање на обвинителството му определи 30-дневен притвор на Тони Јакимовски-поранешниот шеф на кабинетот на ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, кој се сомничи за проневера на пари во УБК.

Тој е осомничен заедно со уште две лица, вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, од кои за едниот (С.М.) определен е 30-дневен притвор, додека за вториот со иницијали К.Ј определени се мерки на претпазливост.

Тројцата се сомничат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле буџетот за 50.670.000,00 денари. Од обвинителството велат дека во периодот од јануари 2007 година до мај 2017 година осомничените, како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности постапиле спротивно на Упатството за користење средства за посебна намена на УБК.

„Во наведениот временски период, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – ‘Главните книги за евиденција’ ги уништувале, без посебно одобрение од директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари“, велат од обвинителството.

Јакимовски беше уапсен попладнево, откако претходно беше на распит за случајот на СЈО „Таргет-Тврдина“. Во случајот на СЈО, Јакимовски е обвинет за уништување на опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра. Првоосомничен е Горан Грујовски, кој беше началник на Петтата управа на МВР, а кого министерот Митко Чавков го разреши на 20 јули, второосомничен е Јакимовски, третоосомничена е ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата