Историска победа за полуфинале на фудбалерите на РБ Лајпциг во второто четврфинале во Лигата на шампионите. Вечерва во Лисабон, „биковите“ славеа со 2:1 над Атлетико (М) и изборија премиерно учество во полуфиналето на најсилното европско клупско натпреварување.

Откако во првиот дел не успеавме да видиме гол, фантастична фудбалска престава не дочека уште во воведните минути од вториот дел. Во 50. минута со голот на Дани Олмо, бундеслигашот дојде до предност од 1:0, по што следуваше целосен притисок на Шпанците.

 

Зрак надеж за момците на Симеоне стигна во 71. минута кога Марчинјак покажа на белата точка, а Жоао Феликс погоди за израмнување на 1:1.

 

Упорноста на Германците се покажа како клучна во завршните минути. По една филигрански прецизна акција, Американецот Тајлер Адамс биеше кон голот на Атлетико, топката го закачи Хименез, го смени правецот и заврши во мрежата на Облак.

 

Во своето петто четврфинале во последните 7 години, Атлетико (М) не успеа и по третпат да стигне меѓу најдобрите четири. РБ Лајпциг во полуфиналето за противник ќе го има ПСЖ.