Баже Тодоровски, искусниот десен бек кој имаше одлична сезона во Теута, синоќа се договори со раководството на албанскиот освојувач на купот за продолжување на соработката, на барем уште една година.

Да, потпишав едногодишен договор, брзо се договоривме и јас и во наредната сезона ќе играм во Теута. Искрено, со оглед на тоа дека мене ми истече едногодишниот договор со клубот од Драч, имав неколку понуди од Косово, исто така и наши домашни клубот од ПМФЛ ме контактираа, но решив да останам и во наредната сезона во Теута. Задоволен сум од услвовите, Теута беше задоволна од моите игра во минатата сезона и немаше проблем да одлучиме да продолжиме на заедничко задоволство“ вели Тодоровски за СПОРТМЕДИА.

Инаку Тодоровски минатата сезона во Теута долго ќе ја памети…

Точно, и тоа по убави работи. Овој клуб го освои Купот на Албанија, остваривме добар пласман во првенството, а сега ќе играме и во Европа, во квалификациите во Лигата на Европа. Ова за Теута е голем успех, клуб кој од година во година напредува и важи за еден од најорганизираните во Албанија. Јас убаво се чувствувам во Драч и затоа и потпишав нов договор“ заврши десниот бек.

Кога сме кај настапите во Европа еве еден мал куриозитет во врска со Тодоровски. Тој на 27 јули со својата Теута во 1.квалификациско коло во Лигата на Европа ќе игра против Беитар, клуб од Израел, против кого пред 15 години играше со Силекс во рамките на Интер Тото Купот, во таа 2005 година.

Инаку тоа беше прв европски меч на Баже во својата успешна кариера.