Белорусија: Повеќе од илјада уапсени и над 50 повредени

12.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белорусија: Повеќе од илјада уапсени и над 50 повредени

Повеќе од 50 лица се повредени во синоќешните протести во Белорусија, соопшти Министерството за здравство.

„Синоќа се повредени 51 лице кои се примени во ургентните центри и болниците во Белорусија, а на сите им е укажана целосна медицинска помош. Најчести повреди се скршеници, повреди на меките ткива, екстремитетите, градите и абдоменот“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија соопшти дека повеќе од илјада лица кои учествувале на нелегални демонстрации се уапсени и задржани во притвор минатата ноќ.

„Во текот на ноќта на 11 август и во утринските часови на 12 август, регистрирани се нелегални собири на граѓани на 25 локации. Повеќе од илјада лица кои учествувале во илегални масовни демонстрации беа уапсени и приведени“, се вели во соопштението на полицијата.

Истражните органи покренаа 17 кривични пријави против лица кои учествувале во напади врз полицајци, се вели во соопштението на полицијата, додавајќи дека демонстрантите се обиделе да го блокираат јавниот сообраќај во Минск и другите поголеми градови во Белорусија.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата