Хонгконшкиот медиумски магнат Џими Лаи уапсен според новиот кинески Закон за безбедност

10.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хонгконшкиот медиумски магнат Џими Лаи уапсен според новиот кинески Закон за безбедност

Полицијата во Хонг Конг го уапси медиумскиот магнат Џими Лаи и изврши рација во седиштето на неговата компанија применувајќи го новиот Закон за национална безбедност што Пекинг го наметна во градот по протестите минатата година, пренесува „Њујорк пост“.

„Џими Лаи е уапсен за дослух со странски сили“, напиша Марк Сајмон на Твитер.

Полицијата во Хонг Конг соопшти дека седум лица на возраст од 39 до 72 години биле уапсени под сомнение дека го прекршиле новиот Закон за безбедност, но во изјавата не се откриени имињата на уапсените.

Лаи (71) е сопственик на популарниот таблоид „Епл дејли“ и е отворена продемократска фигура во Хонг Конг што редовно го критикува диктаторското владеење на Кина.

Законот за безбедност стапи на сила на 30 јуни и се смета како средство за спречување на незадоволството откако минатата година Хонг Конг го потресоа антивладини протести. Сајмон рече дека полицијата извршила претрес во домот на Лаи и неговиот син и уапсила неколку други членови на медиумската групација Next Digital, основана од Лаи.

Next Digital раководи со таблоидот „Епл дејли“, што Лаи го основаше во 1995 година, пред Британија да ѝ го врати Хонг Конг на Кина. Како и Лаи, и „Епл дејли“ има силен продемократски став и честопати ги повикува своите читатели да учествуваат во продемократски протести.

Законот за безбедност ги забранува сецесионистичките, субверзивни и терористички акти, како и дослухот со странски сили во внатрешните работи на градот. Максималната казна за сериозните прекршители е доживотен затвор.

Минатиот месец, кинескиот радиодифузер ЦЦТВ рече дека продемократскиот активист Нејтан Лоу и петмина други се барани според законот иако сите избегале во странство. Лоу се пресели во Велика Британија во јули за да продолжи со меѓународниот активизам за Хонг Конг.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата