Светскиот шампион во Мото ГП, Марк Маркез, овој викенд дефинитивно не ќе може да се појави на Чешкото ГП откако беше подложен и на втора операција  на десното рамо.

Возачот на Хонда беше повреден на 16 јули, а два дена подоцна му беше направен првиот зафат. Тој отпатува за Херез за да се обиде да се натпреварува на трката од шампионатот, но болките кои ги имаше го оневоможија.

Потоа стана јасно дека се појавиле проблеми со титаниумската плочка која му е вградена во рамото и дека ќе мора да оди на нова операција. Истата е направена, плочката е заменета, а Маркез мора да мирува.
Денеска за шпанските весници докторот кој го оперираше објави како всушност Маркез ја уништил првата титаниумска плочка во рамото.

„Се уште не знаеме детално, но претпоставките се дека плочата е оштетена кога Марк се обидел да отвори прозорец“, вели хирургот кој го оперираше.