РКЕ: Поскапувањето на струјата нема да влијае на зголемување на цената на останатите производи

5.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
РКЕ: Поскапувањето на струјата нема да влијае на зголемување на цената на останатите производи

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги оценува како неточни, неосновани и нестручни наводите дека зголемените цени на електричната енергија ќе ги зголеми цените на производите.

„Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика се однесува само за регулираниот пазар на електрична енергија. Најголем дел од индустриските и комерцијалните потрошувачи сами набавуваат електрична енергија на слободниот пазар по цени коишто не ги определува Регулаторната комисија за енергетика. Цената на електричната енергија на слободниот пазар во Северна Македонија во 2020 година е пониска за приближно 9% во однос на 2019 година, што значи дека и трошокот за електрична енергија на индустриските и комерцијалните потрошувачи во 2020 ќе биде помал во однос на 2019. Во наредниот период индустријата ќе има пониски трошоци за електрична енергија во споредба со 2019 година и тоа позитивно ќе влијае врз нејзиното работење во овие кризни времиња“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги информира дека со одлуките од 31 јули 2020 година преку фактори на корекција на МЕПСО му го намали приходот за 2020 година за 13,25 милиони евра, додека на ЕВН ХОМЕ за 4,5 милиони евра, поради тоа што овие компании во 2019 година оствариле поголем приход од одобрениот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата