Анте Готовина: Операцијата „Бура“ ја одреди иднината на Хрватска

5.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Анте Готовина: Операцијата „Бура“ ја одреди иднината на Хрватска

Поранешниот хрватски генерал Анте Готовина, се обрати на одбележувањето на 25-годишнината од воено-полициската операција „Бура“ што се одржува во Книн, Хрватска.

„Помина четврт век од „Бура“, операција која ја одреди иднината на нашата татковина. Под водство на претседателот Фрањо Туѓман, во посебно неповолни околности ја градевме хрватската војска способна да се одбрани, да стави крај на наметнатата војна и да создаде услови за мир. Животите на многу млади луѓе и оние кои го изгубија своето здравје се во колективната свест на нашиот народ. Со гордост и тага се сеќаваме на нашите пријатели. Низ научени лекции од нашата бурна историја, ние сме посилни, подобри луѓе, спремни со оптимизам да работиме денес за подобро утре во новото поглавје. Во овие 25 години поминати во мир и сигурност, Хрватска се гради и развива во модерна демократија“, кажа Готовина.

Анте Готовина помина седум години во притвор во Меѓународниот суд во Хаг под обвинение за воени злосторства во операцијата „Бура“. Во 2012 година тој беше прогласен за невин.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претходно го честита Денот на победата.

„Денешниот национален празник е повеќе од сеќавање на една освоена битка. Со влегувањето на хрватската армија и полиција во Кралскиот Книн на 5 август 1995 година, вековниот сон за слободна и независна држава на многу генерации Хрвати стана реалност. Затоа овој ден е круна на нашата историја. Во него се собрани сите наши битки, сите знамиња на нашата борба за слобода гордо се веат во боите на хрватското национално знаме на врвот на тврдината во Книн“, напиша Пленковиќ на „Твитер“.

„Бура“ e воена операција за заземање на дел од територијата на Република Српска Краина, непризната држава формирана на територијата на независна Хрватска. Операцијата траела од 4 до 7 август 1995 година, а завршила со пад на Република Српска Краина и воспоставување контрола од страна на Република Хрватска над таа територија. Главен град на Република Српска Краина бил Книн.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата