Во последните четири месеци во Грција пристигнале само 850 мигранти

4.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во последните четири месеци во Грција пристигнале само 850 мигранти

Помалку мигранти и бегалци пристигнуваат од Турција во Грција, најмногу поради засилените гранични контроли и делумно поради пандемијата на коронавирус, а во последните четири месеци во Грција пристигнале 850 мигранти, изјави грчкиот државен секретар за миграција Јоргос Кумуцакос за „Ројтерс“.

Сепак, Турција е тежок и непредвидлив сосед што контролира базен од четири милиони мигранти и бегалци“, рече Кумуцакос за „Ројтерс“.

„Никој не може да исклучи дека ќе се обидат да ги искористат во друга пригода“, додаде тој.

Кумуцакос го кажа тоа пред посетата на камповите за мигранти на островот Лезбос, заедно со премиерот на германската сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија.

Тензиите ескалираа меѓу членките на НАТО, Грција и Турција во март, кога илјадници бегалци од Турција се обидоа да ја пробијат границата со Грција.

„Намалениот прилив (на мигрантите) нема да дозволи да се одмориме. Напротив, ние мора да бидеме внимателни“, рече Кумуцакос.

Од април до јули, Грција регистрирала 850 мигранти кои пристигнале во земјата, што претставува големо намалување во однос на 12.363 во истиот период минатата година.

Десетици илјади мигранти се заглавени во преполни кампови на островите.

Конзервативната грчка влада започна да преместува илјадници мигранти во побезбедни установи на копно, кои активистите ги споредија со затворите.

„Ќе има строга контрола, но тоа не се затвори“, рече Кумуцакос.

„Грција не гради затвори. Таа е демократска европска држава која ги штити своите граници и човековите права“, додаде тој.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата