РАСТ НА ПЛАТИТЕ: РЕАЛНО ИЛИ ЛАЖНО ВЕТУВАЊЕ?

11.07.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
РАСТ НА ПЛАТИТЕ: РЕАЛНО ИЛИ ЛАЖНО ВЕТУВАЊЕ?

Едно од најголемите ветувања во предизборната кампања на двете најголеми политички партии е раст на платите (просечна и минимална) и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Дали ова се реални или лажни ветувања? Која е всушност разликата во пристапот помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за ветувањето кон граѓаните дека платите ќе растат? 

Ќе почнеме со ветувањето на СДСМ кое беше дадено пред неколку месеци во кампањата за изборите кои првично беа закажани за 12 Април, каде се ветуваше 36.000 денари просечна плата и 18.000 денари минимална плата. После неколку месеци овие ветувања претрпеа одредени корекции, при што, сега СДСМ ветува 34.000 денари просечна нето плата (2.000 денари помалку од првичното ветување) и 20.000 денари минимална плата (2.000 денари повеќе од првичното ветување). Што е овде нелогично? Имено, ако се знае дека минималната плата е позитивно корелирана со просечната плата, тогаш невозможно е да ветувате поголема минимална плата во услови на потенцијално помала просечна плата. Ова укажува дека ветување на СДСМ за 20.000 денари минимална плата е апсурдно и служи само како обид за предизборна манипулација на граѓаните. 

Вториот аргумент дека ветувањата за раст на платите од страна на СДСМ се неостварливи е фактот што во изминатите три години со целиот државен интервенционизам (40 милиони евра годишно буџетски средства за субвенционирање на придонеси за раст на платите во првиватиот сектор, раст на платите во јавната администрација), просечната стапка на раст на платите изнесуваше 4.5% годишно, наспроти новите ветувања дека платите ќе растат со 7.5% годишно. Да не заборавиме на неоствареното ветување за 30.000 денари просечна плата и 16.000 денари минимална плата.

Дополнително, економската наука и практика јасно укажува дека платите се целосно детерминирани од продуктивноста на трудот. За илустрација, Македонија има три пати пониски плати од Словенија затоа што Словенија има три пати поголема продуктивност од Македонија, односно Македонија има приближно 6 пати пониска плата од Германија затоа што Германија има речиси 6 пати поголема продуктивност од Македонија.

Ова упатува на заклучокот дека платите може да растат само преку раст на продуктивноста и никако поинаку.
Фактот што во изминатите три години имаме пад на продуктивноста на трудот, нешто што е нотирано во сите извештаи на Народна Банка на Македонија и Светска Банка, е потврда дека економските политики на СДСМ не можат да обезбедат одржлив и долгорочен раст на платите во земјата.

На крај, никаде во програмата не е објаснета методологијата, односно политиките и мерките како СДСМ ќе го оствари ветувањето за растот на платите, што е уште една потврда дека овие ветувања се нереални и неостварливи.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ветува раст на просечната нето плата за 25% кумулативно или минимум раст од 6.5% на годишна основа. Она што е многу поважно, ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ја објаснува детално методологијата како преку програма за модерна индустријализација, подобрување на деловната бизнис клима, јакнење на извозната конкурентноста, градење на национален иновативен систем, поддршка на ИКТ секторот, стимулирање на странски и домашни инвестиции, ќе го обезбеди тој раст на платите. Всушност, таа методологија е базирана на конкретни мерки и политики кои ќе овозможат раст на платите врз основа на пазарни принципи преку системска поддршка за подобрување на продуктивноста во економијата.

Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ во својата програма има јасно дефинирани политики за зголемување на нивото на човечки капитал преку инвестиции во модернизација и јакнење на образовните капацитети (вклучувајќи го овде и средното стручно образование), но и преку програма за поттикнување на неформалното образование и поддршка на домашните компании во јакнење на човечките потенцијали што подразбира субвенционирање на специјалистички обуки за менаџерите, инженерите и остнатите вработени, како и обезбедување на неповратни грантови за спроведување на коучинг и менторинг програми со ангажирање на домашни и странски експерти. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предвидува грантови за млади лици за реализирање на сертифицирани обуки со цел стекнување на специфични вештини и знаења кои се потребни и се бараат на пазарот на трудот.
Сето ова е силна гаранција дека ветувањето за поголеми плати е реално остварливо, односно дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет и конкретен програма како да го направи тоа.

Во однос на минималната плата, ВМРО-ДМПНЕ во својата програма се обврзува дека истата до крајот на 2024 година ќе изнесува над 18.000 денари. За разлика од лажните ветувања на СДСМ за 20.000 денари минимална плата, ветувањето на ВМРО-ДМПНЕ е реално и базирано на соодветна методологија.

Имено, според постоечкото законско решение за минимална плата, таа се усогласува секоја година врз база на растот на трошоците за живот, растот на платите и растот на економијата.

Тоа значи дека стапката на раст на економија од 4% годишно и стапката на раст на платите од 6.5% ќе овозможи минималната плата секоја година да се зголемува за минимум 5%, што значи дека од 14.500 денари колку што е денес ќе достигне минимум 18.000 денари во 2024 година.

Повторно станува збор за пазарно и одржливо решение кое ќе обезбеди зголемување на животниот стандрад на вработените преку подобрување на економските перформанси на земјата.

Дарко Лазаров, претседател на комисија за економија на ВМРО-ДПМНЕ 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата