Ангеловска: Работиме на зголемување на бројот на општините за чии услуги граѓаните ќе плаќаат со картичка

10.07.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ангеловска: Работиме на зголемување на бројот на општините за чии услуги граѓаните ќе плаќаат со картичка

Ковид-19 нуди можност за побрза транзиција од било кога кон безготовинско општество која треба да ја искористиме, смета министерката за финансии Нина Ангеловска.

Како што напиша таа на својот фејсбук профил, за да се искористи можноста сите треба да го дадат својот придонес – Владата, банките, граѓаните, компаниите, стопанските комори, но и општините – за подобри и поквалитетни услуги за граѓаните.

Ангеловска објаснува дека во Министерство за финансии направиле мапирање на состојбата во општините и можностите за плаќање со картичка на нивните услуги кои ги даваат на граѓаните.

„Од 66 општини кои одговорија, 41 имаат ПОС терминал за плаќање со картички. На месечно ниво, вкупно во сите општини се реализираат околу 6.000 плаќања на општински услуги преку ПОС терминалите (173 по општина). Општини со најмногу трансакции и промет на ПОС терминали се Општина Штип и Општина Прилеп (кои прават над 40% од вкупниот реализиран промет од јануаро 2019 до мај 2020)“, пишува Ангеловска.

Таа посочува дека врз основа на таа анализа биле дадени и усвоени препораки кон Министерство за локална самоуправа и Заедница на единиците на локалната самоуправа и општините – да дадат придонес кон зголемување на бројот на општини кои ќе воведат ПОС терминал за безготовински плаќања.

„Предлагаме и годишен натпревар помѓеу општините – иницијатива за наградување на општината која ќе биде лидер во безготовински плаќања со грант средства за капитален проект кој им е најпотребен на граѓаните“, објасни министерката на „Фејсбук“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата