И дефинитивно Струга Трим Лум е во офанзива кога се однесува за летниот преоден рок. Прво почна со ангажманот на Јасмин Мециновиќ, потоа беше промовиран Александар Ристевски, тука се и Бесир Рамадани како и Раиф Мирселовски. Во секој момент треба да потпише и Марјан Алтипармаковски, се шпекулира и со името на Томе Китановски, како и со уште неколку познати имиња.

Откако прво видовме кој сака да си оди, на кого не сметаме за наредната сезона, тогаш се активиравме на трансфер – пазарот. И ние сме задоволни од тоа што досега донесовме, но тука не застануваме, имаме намера да ангажираме уште 2-3 нови играчи, и затоа велам дека Струга Трим Лум повторно, како и лани ќе има силен тим. Инаку нас ни годи тоа што името на клубот се поврзува со трансфери на познати имиња, но се се тоа повеќе шпекулации. А искрено многумина сакаат да дојдат кај нас, но нема по секоја цена да купуваме, треба да видиме што навистина му треба на нашиот тренер Срѓан Захариевски. А шпекулации не коментираме, можам да говорам само за тоа што и официјално дојде кај нас. Се разбира дека имаме планови, имаме желби, но тоа е интерно“ вели Бесарт Исаку, спортскиот директор на Струга Трим Лум.

НАСТОЈУВАМЕ ДА ГО ЗАДРЖИМЕ ЛЕНА

Еден од приоритетите на раководството на струшкиот прволигаш, е и продолжување на соработката со најдобриот фудбалер на тимот во минатата сезона, а тоа секако е Нијас Лена.

Кој не би сакал да го има Лена во своите редови, така и ние не криеме дека настојуваме да го задржиме искусниот играч за врска. Мислам дека сме блиску до договор. Инаку во наредниот период Струга Трим Лум има намера да промовира неколку млади и талентирани фудбалери. Имаме ние такви, само треба да им се даде поголема шанса, поголема минутажа. А потоа се знае, трансфери надвор од Македонија. Токму затоа деновиве имавме состанок со познатиот менаџер Харис Факиќ, со цел да видиме што можеме на тоа поле. Јас сум оптимист и уверен сум дека Струга Трим Лум во наредната сезона, втора во елитата, ќе остави добар впечаток. Сега прво треба да се подготвме за тоа што не чека од 9 август па натака“ изјави за СПОРТМЕДИА еден од првите луѓе на Струга Трим Лум, Бесарт Исаку.