Евертон го совлада Лестер со 2:1 во меч од 32. коло во англиската Премиер лига. „Карамелите“ конечно одиграа добар меч и протоа врзаа две победи после подолго време, а по победата над Норич минатото коло, сега го победија Лестер на  домашен терен.

Во првото полувреме „сините“ поведоа со 2:0 во период од шест минути со головите на Ришарлисон и на Сигурдсон од пенал. Интересно, тоа беше првиот пенал што му беше доделен на Евертон сезонава или прв после 38 првенствени натпревари. А тој беше досуден со помош на ВАР, судијата процени дека противнички играч играл со рака.

Во второто полувреме Ихеначо само го ублажи поразот за Лестер. Уште еден интересен факт тој погодок на Ихеначо означи дека Евертон е првиот премиерлигаш кој примил 2500 голови.

Њукасл си поигра на гостувањето кај Борнмут и го совлада со 4:1. Гејл, Лонгстаф во првото и Алмирон и Лазаро во второто полувреме ја обезбедија високата победа на „страчките“ (Геслинг во финишот го ублажи поразот). Сепак, наградата за најдобар на мечот оди кај францускиот играч за врска Алан Сен Максимин кој запиша три асистенции на мечот и тоа за првите три гола.

Така Сен Максимин е само третиот фудбалер на Њукасл кој на еден премиерлигашки меч имал три асистенции, претходно тоа им успеало на Муса Сисоко против Норич во октомври 2015 и на Енди Кол против Вест Хем во март 1994 година.

А Арсенал го здроби „фенерџијата“ Норич со 4:0 и му покажа дека не му е местото во елитата. Обамејанг реализира два гола, а по еден дадоа Џака и Соареш.

 

Standings provided by SofaScore LiveScore