ОД УТРЕ МОЖЕ ДА ШЕТАМЕ - Без тест и карантин во Србија, Албанија, Косово и Турција

25.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ОД УТРЕ МОЖЕ ДА ШЕТАМЕ - Без тест и карантин во Србија, Албанија, Косово и Турција

Македонија утре ги отвора сите гранични премини согласно одлуката на Владата во вторникот, а по препорака на Комисијата за заразни болести. На истата владина седница беше донесена и одлука за отворање и на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид на 1 јули.

Со одлуката за целосно отворање на државните граници, македонските државјани ќе можат слободно да патуваат без обврска за негативен ПСР тест за коронавирус и задолжителен 14-дневен карантин во Србија, во Албанија, во Косово и во Турција и за враќање во земјава. Таквата обврска, сепак, останува да важи за влез во некои земји во регионот и во ЕУ-членките.

За патување во Бугарија и Грција како земји членки на ЕУ важат насоките дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули. Оваа одлука е најавена на повторно разгледување меѓу членките на Унијата утре поради растот на бројот на заболени од коронавирусот во земјите во регионот.

Во меѓувреме, Словенија и Хрватска најавија можност за заострување на граничниот режим и повторно враќање на обврската за двонеделен карантин за лицата кои доаѓаат од Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово, имајќи ја предвид епидемиолошката слика во овие земји. Бугарија, пак, ја продолжи вонредната состојба во земјата до 15 јули поради новиот бран на заразени со коронавирусот.

Премиерот Спасовски вчера потврди дека отворањето на границите не е никаква политичка одлука во врска со претстојните избори, туку се темели исклучиво на епидемиолошките анализи и мислењето од Комисијата за заразни болести.

- Отворањето на границите го најавуваме веќе подолго време, зависно од анализите што ги прави Комисијата за заразни болести, а тие, пред сè, се темелат на епидемиолошката слика кај нас, во регионот и во поширокото опкружување. Европската унија ги отвори границите за државите членки, а од 1 јули се најавува и кон трети земји меѓу кои и државите од целиот наш регион, рече Спасовски.

Според него, крупните рестриктивни мерки го дале својот максимум, а она што сега останува е преку личната одговорност да се придонесе колку е можно повеќе да се држи вирусот под контрола.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека отворањето на границите не е некој значаен ризик за зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи затоа што локалната трансмисија е најголемиот ризик. Според него, отворањето на границите со воспоставената контрола на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти.

- На почетокот на кризата имавме случаи на лица кои дојдоа од странство, но тие беа ризик за мал број контакти во нивната непосредна околина. Доколку се почитуваат превентивните мерки тогаш овој ризик практично се сведува на минимум. Не може ниту една држава од светот да живее затворена во своите граници. Сметам дека со отворање на границите и контролата што ја имаме, односно термалните камери на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти, посочи министерот Филипче.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата