На 7 јуни 1993 година, во сообраќајна несреќа како совозач загина Дражен Петровиќ. Несреќата се случи Авто – патот 9 кај Декендорф, во близина на Инголштад, некаде околу 17:20 часот. Вест која брзо одекна во спортскиот свет. Загина најдобриот, загина кошаркарскиот “Моцарт“, веројатно најдобриот кошаркар кој некогаш го имале екс – СФРЈ и Хрватска, и тоа на неполни 29 години. Кога требаше да даде најмногу во кошарката, кога почна во НБА со Њу Џерси Нетс да се пробива кон врвот во кошаркарската елита.

Затоа веќе 27 години секој 7 јуни е тажен ден за сите кошаркарски фанови на овие простори, но и во Европа, па и во светот. Дражен беше еден и ЕДИНСТВЕН. Беше кошаркарски “убиец“. Кошаркар со неверојатен талент, човек кој имаше само победнички мисли, победнички стил.

За него кошарката беше секогаш на прво место. Работа, работа и само работа. Роден во Шибеник, на само 16 години првпат се слушна за тоа момче. Потоа се беше историја. Цибона, Реал Мадрид, Портланд, Њу Џерзи, се разбира и репрезентациите на Југославија и Хрватска. Освои се што можеше да се освои во Европа, посебно беше брилјантен во дресот на Цибона и Реал. Ако постигнеше 30 или 35 поени, сите се прашувавме што му е на Дражен, да не е болен? Знаејќи ја неговата “тарифа“ која броеше обично до 40, 50 па и 60 поени кога беше екстра расположен.

Има многу што да се зборува за Дражен Петровиќ, многу да се пишува, но едно засекогаш ќе остане непознато. Што ќе беше со Дражен, каква ќе беше неговата кариера ако на тој проклет 7 јуни тој беше со своите другари од репрезентацијата во авионот, а не во голфот кој го возеше неговата пријателка.

Ете, така морало да биде, а нам не ни останува ништо друго само на секој 7 јуни да се потсетуваме на Дражен.

Гигант, величина, само тој можеше онака дрско да му се спротистави на вистинскиот дрим-тим во Барселона на ОИ 1992 година, кога против Џордан, Меџик, Пипен и останатите имаше своја симултанка.

СТРАШНАТА ВЕСТ НА БИСЕРКА И ЈА ПРЕНЕЛА МАКЕДОНКА

Страшната вест на Бисерка, мајката на Дражен, дека неговиот син загинал во сообраќајна несреќа ја пренела, барем според нејзините зборови, една Македонка.

Како и секогаш и тој 7 јуни Бисерка чекале телефонски повик од својот син. Телефонот заѕвонел, но од другата страна не бил Дражен туку некој непознат женски глас, некоја девојка која на хрватски прво прашала дали тоа е домот на Дражен, а потоа и кажала на Бисерка дека нејзиниот син загинал.

Се разбира дека тоа било голем шок за мајката, која се уште, иако минаа цели 27 години, никако не може да се помири со судбината дека нејзиниот син го нема.

Тоа било шок и за братот Александар, исто така некогаш истакнат кошаркар и за таткото Јоле.