Кој ја украде СЛИКАТА НА ПИКАСО од скопскиот музеј?!

6.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кој ја украде СЛИКАТА НА ПИКАСО од скопскиот музеј?!

Наскоро ќе се навршат 50 години од кражбата на сликата на Пикасо „Глава на жена“ од Музејот на современата уметност во Скопје. Таа вест ја објавија светските медиуми и така се дозна дека Скопје поседува една толку вредна слика. И нашата домашна јавност не беше многу упатена во тој податок. Таа слика Пабло Пикасо му ја подари на градот во акцијата на солидарноста по повод скопскиот земјотрес.

Настаните околу кражбата се одвиваа како во криминалистички филм, а многу детали од таа кражба во нашата јавност се малку познати. Во потрагата по исчезнатата слика се вмеша и Интерпол. Кога точно е извршена кражбата, кој и како ја извршил, кога крадците се откриени и притворени?

Возбудливата и необична сторија започнува есента 1971 год., кога на насловните страници на скопските весници е објавена бомбастичната вест насловена „Украден Пикасо“.

Таа вест молскавично се прошири низ светот, а во неа буквално го пишуваше следново: „’Главата на жена’ што Пикасо му ја подари на Скопје исчезна на мистериозен начин…“.

Утредента се јавува нов напис со прашањето „Од кога ја нема творбата?“, во кој се објаснува дека сликата е со димензии 73 x 55, а на нејзината опачина бил запишан датумот кога таа била завршена – на 4.1.1963 год. На Музејот во Скопје Пикасо му ја подарил Сликата 1965 год., а таа е портрет на неговата сопруга Жаклина. Исчезнувањето на сликата навистина претставуваше еден вид мистерија.

За релативно кратко време, само по неколку месеци, клопчето на кражбата полека почна да се одмоткува. На 26 март 1972 год., на насловните страници на нашите весници повторно бомбастична вест: „Подарокот од Пикасо на Скопје пронајден“.

Овој пат веста прва ја објавила американската новинска агенција Асошиејтед прес. Во неа буквално стои: „Сликата ’Глава на жена’ од Пикасо беше пронајдена во средата на аеродромот во Франкфурт, кај петмина луѓе што ѝ припаѓаат на меѓународна група крадци на уметнички дела.

Тие се Германци и Југословени… Двајца се притворени, а тројца пуштени“. Сега приказната станува уште позанимлива. Републичкиот секретаријат за внатрешни работи одржал конференција за печат, а по повод оваа конференција, „Нова Македонија“ објавува голем напис, со наслов што ја открива тајната: „Крадецот на Пикасовата слика – студент на Филозофскиот факултет“.

По интервенцијата на Интерпол и службите во Скопје, Белград и Визбаден, во Франкфурт биле притворени: Ж.Б. (25), студент од Скопје, и Т.М. (26) од Лабин. Првиот бил директен учесник во кражбата, а вториот бил само посредник за препродажба на сликата во странство.

Украдената слика крадецот вешто ја сошил во внатрешноста од својот капут. Скопскиот студент им бил стар познајник на органите на прогонот. Всушност, иницијатори за кражбата биле двајца браќа, од кои постариот бил советник, додека помладиот бил директен извршител.

Тој влегол во Музејот, ја извадил сликата, а потоа, низ отворениот прозорец од застаклениот дел, ја фрлил надвор од музејот. Сликата била фрлена во тревата на западната страна од објектот, која гледа кон реката Вардар. Потоа излегол, минал покрај чуварот и ја зел сликата. Подоцна, крадецот е осуден на шест години затвор.

Интересна е и приказната како сликата на Пикасо е донесена во Скопје, откако била подарена. При својот студиски престој во Париз, директорот Борис Петковски, преку многубројните контакти со влијателни луѓе блиски до уметникот, успеал да ја оствари идејата и желбата на многумина:

Пикасо со задоволство му подарил слика на настраданото Скопје. Во своите сеќавања Петковски вели: „Пикасовата слика, откако ја презедов од галеријата ’Луиз Лерис’, два дена ја чував во мојата хотелска соба, сѐ додека Амбасадата на СФРЈ во Париз не се согласи да ја преземе и да ја чува до нејзиниот транспорт во Скопје“.

Но тоа не е се. Петковски успеал и лично да се сретне со Пикасо и неговата сопруга Жаклина, во музејот во Антиб: „Крајно возбуден, тогаш му се заблагодарив за подарената слика. Kога Пикасо ми рече дека многу ја сака, побрзав и јас да го речам тоа, а уметникот се провикна: ’Благодарение на бога, ќе бидеме барем двајца на светот!’ Потоа го поканив Пикасо да го посети Скопје…“.

Музејот на современата уметност, кој е формиран во 1964 год., изврши огромно влијание врз сите нас што кон крајот на 1960-тите и во 1970-тите години доаѓавме во македонската култура. Не само врз оние што се занимаваа со ликовната уметност, туку и оние од литературата, театарот, музиката, филмот.

Се случуваше по неколкупати месечно да се искачуваме до белата зграда на Калето за да го посетиме музејот. Дури и денес, по сеќавање, можеме прецизно, во старата поставка на подарените дела, да ги посочиме местата каде што се наоѓаа делата на енформелистите, на Пикасо, на Хартунг, Масон, Лубарда…

Обновената поставка е одлична можност новите генерации да го пишуваат сопствениот летопис за музејот како своевидна митологија на градот.

И на крајот, еден куриозитет во врска со кражбата, кој е малку познат. Имено, истата, 1971 год., кога во Скопје е украдена сликата на Пикасо, во Париз е украдено уште едно негово дело. Од галеријата „Кнедлер“, среде градот на светлината, украдена е сликата „Главата на Арлекин“. И тоа, замислете, во истиот период како и во Скопје – есента 1971 год.!

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата