Миха Зарабец се очекува да биде главната трансфер „бомба“ во Вардар во наредните неколку недели. Репрезентативецот на Словенија е заинтересиран за преселба во Скопје и во таборот на актуелниот првак на Европа, тој веќе е контактиран од новата управа на „црвено-црните“.

Според најавите Вардар ќе се засили со Словенец на местото од Словенецот кој замина. Зарабец е актуелен репрезентативец на својата земја и игра на истата позиција (среден бек), како и Сташ Скубе, кој летово замина во Мешков Брест.

„Зарабец веќе е на линија со Вардар. Зборувале два пати во текот на минатата недела.  Ракометарот има желба, Вардар го сака, условите се добри…“, ни открива наш извор од Словенија кој е добар познавач на ракометот на оваа земја и добар пријател со ракометарите од оваа земја.

Според најавите за да се склучи големиот „дил“ постои еден проблем а тоа се вика Кил. Зарабец има договор со тимот од Бундес-лигата, но има најави дека Кил ќе ги крати платите, а со тоа играчите кои нема да го прифатат тоа ќе имаат за право да си заминат.

Зарабец ќе биде екстра засилување за Вардар на позицијата која е испразнета по заминувањето на Скубе.