Калиопи фан арт го доби својот победник

2.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Калиопи фан арт го доби својот победник

По неколкумесечното онлајн дружење и натпреварување го добивме Grand Prix добитникот на годинaшниот Калиопи Фан Арт - креативен онлајн натпревар.

По пребројувањето на гласовите од наградените, креативниот тим и стручното жири на Kaliopi Fan Art, во тесна „трка“, но со најмногу гласови, Grand Prix наградата ја доби Викторија Милошевиќ од Смедерево, Србија. Наградата носи “Викенд во Македонија и дружење со Калиопи”.

Целиот натпревар Kaliopi Fan Art траеше три месеци. Во текот на март и април пристигнатите креации и натпреварувачи беа презентирани на социјалните мрежи на Калиопи при што беа избрани завршните финалисти кои се натпреваруваа за многубројните (во слично возбудлив контекст ) награди во неколку категории.

Покрај Grand Prix доделени беа и награди за прво, второ и трето место во категориите вокален кавер, инструментален кавер, танц, цртање и најоригинално видео, а беа доделени и награди од стручното жири за оние најмладите како и за оние кои дадоа посебен придонес и на свој начин го обележаа Kaliopi Fan Art. Наградите, на покажано задоволство на сите, се со широк спектар - онлајн часови по пеење со Калиопи и вокални и инструментални гостувања на нејзини концерти, учество во нејзин видео спот, изработка на идејно решение за кавер на сингл, изложба во рамки на нејзин голем концерт, отварање изложба на слики, гостување на музичка работилница, посета на Калиопи во нивните градови како и ВИП карти за нејзини концерти и запознавање со неа...

Во текот на изминатите три месеци, додека светот беше во изолација и доживуваше нешто за прв пат во својата историјата, Kaliopi Fan Art поврза во светла дружба голем број натпреварувачи од целиот свет и следбеници на уметноста на Калиопи на социјалните мрежи и стана место каде што сите тие делеа радост, позитивна енергија и надеж за подобро утре. Стана место каде што се зближија различни генерации од различни земји, но со исти инетереси, сплотени низ песна, инструменти, танц, цртежи и видеа изразувајќи ги своите таленти  и давајќи си меѓусебна подршка. Во моментите кога сите беа принудени да седат дома, цели фамилии се здружија во поддршката на своите представници во натпреварот во кој сите се добри во својата приказна.

Калиопи со овој многуслоен чин на взаемна почит и љубов кон музиката и уметноста воопшто, и сега верува дека успеа да ја пренесе пораката и големата животна мотивација дека најважна е вербата во себе и во своите соништа.

„Kaliopi Fan Art го направив за да го одржам контактот со мојата публика и да им дадам зрак светлина во ова време на општа криза. Воедно моите фанови преку овој проект да ги изразат своите креативни вештини и таленти. И иако сме на далечина, музиката повторно да не спои и обедини во едно. Честитки од срце до сите учесници, наградени, како и на мојот тим кој неуморно работеше на овој проект., изјави Калиопи

Добитничката на наградата Викторија Милошевиќ изјави дека не очекувала дека ќе победи бидејќи сите натпреварувачи вложиле голем труд и ги покажале своите таленти на различни начини

„Многу сум среќна и возбудена заради главната награда и таа ми дава уште поголем поттик да го работам тоа што го сакам, сфатив дека не треба никогаш да се откажувам, дека треба да верувам во себе и да работам на себе. Им се заблагодарувам на Калиопи и на нејзиниот тим, што ми дадоа снага и мотивација да се трудам и да ги следам своите соништа. Не очекував но добив голема подршка не само од родителите, професорите, другарите, туку и од луѓето од мојот град, а и пошироко. И би им се заблагодарила на сите за ова преубаво искуство и се надевам дека и останатите натпреварувачи на овој начин го доживеаја овој натпревар.“, рече Викторија Милошевиќ

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата