Мицкоски: Во декември велеа дека буџетот е ликвиден за сега да се задолжат 870 милиони евра

30.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски: Во декември велеа дека буџетот е ликвиден за сега да се задолжат 870 милиони евра

Во декември велеа дека буџетот е ликвиден за сега да се задолжат 870 милиони евра, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

„Иако Спасовски и Владата тврдеа дека тие воделе сметка и дека сега немало потреба од никакви мерки, буџетот бил ликвиден, една недела подоцна видовме како излегоа со апокалиптични сценарија дека ни се подготвува банкрот. Два три месеци потоа, ние денеска зборуваме за 700 милиони евра бруто износ којшто владата го обезбеди преку еврообврзница, а до нас стигаат информации дека истата за само два дена е препродадена и дека тој што ја препродал отприлика некаде 0,45, 0,5 процентни поени остварил профит или тоа е некаде околу 21 милион евра на сметка на граѓаните“, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека истовремено добил и информација дека од страна на Европската комисија е обезбеден заем од 160 или 180 милиони евра, а дел од тој заем ќе пристигне во втората половина на јули месец, останатиот дел од заемот е врзан за структурните реформи.

„Јас би зборувал за 80-тина милиони евра коишто би стигнале до јули месец. Сето ова е помалку од оние една милијарда и педесет коишто и се потребни на Македонија за до крајот на годината да нема проблеми со ликвидност, односно тоа се средства кои што и се потребни на нашата држава, од први мај до 31-ви декември за да го покрие буџетскиот дефицит по основ на планираниот дефицит и по основ на оние помали примања кои што ќе стигаат во буџетот во периодот кој што следи, но истовремено задолжување поради раздолжување. Тука не се опфатени мерките од Ковид 2, Ковид 3 програмата кои што дополнително ќе го оптоварат буџетот“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека за да се одржи макро-економската стабилност и да нема кратење на платите и пензиите,  ќе бидат потребни барем од 350 до 400 милиони евра за до крајот на годината.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата